Во центарот на Прилеп, денеска привршуваат последните подготовки за утрешниот почеток на 12-от „Пивофест“, а учесниците на фестивалот ги поставуваат штандовите на булеварот, на плоштадите „Александрија“ и „Методија Андонов Ченто“.
– Се вршат последните подготовки. Состанок одржа координативното тело за организирањето и безбедно одвивање на „Пивофест“ во кое се вклучени сите структури и институции во греадот: полицијата, противпожарната единица, итната медицинска помош, инспекциските служби. Преземени се сите мерки. Трговијата и угостителите ќе работат со продолжено работно време. Утревечер, првата фестивалска вечер до 2 часот по полноќ, а наредните три вечери до недела до 3 часот по полноќ, информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
На фестивалот ќе има преку 32 штанда, кои ќе бидат поставени на преку 20 илјади метри квадратни, а на посетителите им се обезбедени преку 20 илјади паркинг места.
Во Паркот на револуцијата, рече Ристески, ќе биде отворен и кампот за посетителите со авантуристички дух кои ќе бидат послужени со чорба и топли напитоци, а низ градот ќе кружи туристичкиот воз.
– Очекуваме преку 300 илјади посетители од земјава, Балканот и од светот. Традиционално се тука нашинците од прекуокеанските земји, Австралија, САД, вели Ристески, нагласувајќи дека сите сместувачки капацитети во градот се зафатени.
Според Станко Колекси, командир на прилепската противпожарна единица организацијата е на највисоко ниво за безбедност на посетителите.
– Преземени се сите мерки за највисока безбедност на Фестивалот. Не само противпожарната единица. Максимално сме подготвени и организирани и ги очекуваме гостите најбезбедно да ја проследиме манифестација, вели Колески.
Од Итната медицинска помош најавија дека ќе имаат свои екипи на три пункта. Една екипа, нагласуваат, е во текот на денот, додека во вечерните часови ќе има три медицински екипи.
„Пивофест 2014“ во Прилеп се одржува од 17 до 20 јули.