Поранешниот член на Битлси, Пол Макартни, денеска изјави дека ќе се вакцинира против Ковид-19, но и изрази сомнеж дека следната година ќе замине на турнеја за да го промовира последениот албум „Макартни III “, што беше објавен токму неделава.
Во интервју за Би-Би-Си, тој вели дека сака да ги охрабри другите луѓе да се вакцинираат, бидејќи ситуацијата е многу сериозна.
-Да, сакам. Ќе се вакцинирам кога ќе ми дојде редот, рече 78-годишниот Макартни, кој припаѓа на третата линија на британски државјани според приоритетот за вакцинација, бидејќи се наоѓа во групата повозрасни од 75 години.
Популарниот Битлс додаде дека би сакал да свири на британскиот музички фестивал „Гластонбери“ во 2021 година, иако е скептичен во однос на неговата организација, истакнувајќи дека веројатно на него ќе присуствуваат 100.000 луѓе кои ќе бидат во невидена гужва и без маски.