Прилеп ги почна подготовките за една од најголемите летни манифестации „Пивофест“ која годинава по 16 пат ќе се одржи од 12 до 15 јули.
Организаторот, скопската компанија „Ентфинити“ и покровителот, прилепската локална самоуправа уверуваат дека и годинава посетителите ќе уживаат четирите фестивалски дена, а се очекуваат гости од цела Македонија и од Балканот.
– Во организационите подготовки се вклучени сите надлежни служби во градот: јавните комунални претпријатија, противпожарната единица, службата за итна помош, редарите, а помошта ќе биде голема и од полицијата. Годинава од буџетот на општината се одвоени 2,5 милиона денари, цената на паркирањето за еден фестивалски ден е преполовена, од 100 на 50 денари на барање на посетителите од другите градови. За младите и сите со авантуристички дух, и годинава на располагање ќе им биде кампинг-просторот во Паркот на револуцијата и сите ќе добиваат топли напитоци. Очекуваме голем број гости, туристичка промоција на Прилеп и одлична летна забава на фестивалот на кој ќе се дегустираат повеќе видови пиво и вкусна скара, рече приелпскиот градоначалник Илија Јованоски на денешна прва прес-конференција за манифестацијата „Пивофест“.
На 29 локации во центарот на Прилеп, на површина од пореку 4 000 метри квадратни ќе бидат поставени штандовите, а досега се ангажирани повеќе од половината локации.
Според Дарко Манасиески од компанијата „Ентфинити“ која имала искуство во организирањето вакви фестивалчски манифестации, во сите четири фестивалски дена ќе има богата програма и ќе гостуваат познати музички имиња од Македонија и Балканот , а музиката ќе ги задоволи сите генерации.
– На првиот фестивалски ден, на отворањето, в четврток на 12 јули, ќе настапат Дани, Тони Зен и Цајковски. В петок на програмата се: Дарио, Ван Гог, Црвена јабука и ДЏ Мосел од Грција. на третиот фестивалски ден, в сабота, ќе настапат: Фортисимо бенд, некстајм, Џенан Лончаревиќ и познатата балканска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Последната фестивалска вечер, в недела, гостите ќе ги забавуваат: Александра Јанева, Либеро бенд, Милица Тодоровиќ и фолк-ѕвездата Шабан Шаулиќ. Наш приоритет е сите четири фестивалски дена на поминат во весела атмосфера и да биде безбедно за сите гости кои ќе допатуваат на Фестивалот, и секако, повикуваме на еколошка свест на учесниците, вели Манасиески.