Познатиот југословенски и црногорски музичар, тапанарот Драгољуб Ѓуричиќ, починал денеска во болница во Белград од последиците на Ковид-19, јавија српските медиуми.
Тој беше примен во Клиничкиот центар „Д-р Драгиша Мишовиќ“ на 24 февруари. Тој цела недела се чувствувал лошо и имал покачена температура, пред да побара лекарска помош.
Прочуениот тапанар е роден во 1953 година во Цетиње. Свиреше во групите „Леб и сол“ и „Кербер“ и со години настапуваше со Здравко Чолиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, како и со низа други познати изведувачи од поранешна Југославија.
Уште на почетокот на 70-те години, Ѓуричиќ доаѓа во Белград и брзо станува популарен како концертен музичар, па почнуваат настапите со најпопуларните поп музичари на тоа време: Златко Пејаковиќ, Арсен Дедиќ и Габи Новак…
Во 1978 година ја создава групата „Мама-Коко“, заедно со Дадо Топиќ и Влада Никодијевиќ. Го следи Чолиќ на големата турнеја низ СФРЈ наречена „Патувачки земјотрес“. Покрај шесте години во кои беше член на „Леб и сол“, Ѓуричиќ беше член на уште еден популарен рок бенд: „Ју група“.
Тој има добиено многу награди и признанија за музика, а се занимаваше и со сликарство.
Во 90-те години Ѓуричиќ беше истакнат противник на режимот на Слободан Милошевиќ и стана познат како еден од предводниците на антивладините протести во Белград, марширајќи на чело на група од триесет тапанари.