Во Лондон денеска е отворена за посети панорамската соба, сместена на врвот на „Шард“ – највисокиот облакодер во Велика Британија и во Западна Европа. Собата за разгледување се наоѓа на височина од 243 метри.
Облакодерот „Шард“ официјално беше отворен минатото лето, пред започнувањето на Олимписките Игри во Лондон. Оваа зграда, изградена од бетон, челик и стакло, со пирамидален облик, на која на самиот врв страните не се допираат, е дело на познатиот италијански архитект Енцо Пиано. Облакодерот е висок 310 метри и има за користење 87 катови.
На денешната свеченост, покрај градоначалникот на Лондон Борис Џонсон, присуствуваше и архитектот Пиано.
– Оваа зграда е навистина волшебна, затоа што му дава посебен печат на Лондон, изјави италијанскиот архитект.
Облакодерот има тројна намена – како админстративна зграда до половина, на средината како луксузен хотел, во кој има базен и три ката со ресторани, а на врвот и како станбена зграда, со елитни и скапи станови, што во просек ќе чинат по 50 милиони фунти. Административниот дел од облакодерот е дел од новиот бизнис центар во близината на „Лондон Бриџ“.
Кога е ведро, од панорамската соба може да се гледа во далечина и до 60 километри, но не може ништо да се види кога е облачно. При ниски облаци, целиот дел на облакодерот, што е со станови, не се гледа од земјата.
Еден млад Лондончанец ја искористи денешната свеченост во панорамската соба да и предложи брак на својата девојка. Посетата и разгледувањето чини 25 фунти за едно лице.