Вториот фестивал за здравје и уметност на живеењето Body, Mind and Spirit е отворен денеска во Македонската опера и балет, а се одржува во организација на Здружението „Синергија Скопје“.
Основната идеја на Фестивалот е здравиот и правилен развој на луѓето, и тоа таргетиран од три аспекти: тело, ум и дух. Меѓу содржините на Фестивалот се и повеќе кратки предавања на теми: фенг шуи, хомеопатија, астрологија, исцелување со сопствената енергија, нутриционизам, кардиоваскуларни болести, клиринг & коучинг, ментализам итн. Ќе се одржуваат и бројни работилници и презентации на различни рекреативни спортови и боречки вештини како јога, пилатес, аеробик, кунг фу, карате, таи чи, џу џитсу, капуера итн.
Организаторот на Фестивалот, Иво Антов изјави дека очекуваат поголема посетеност од минатата година.
Тој посочи дека денеска се одржува Мind: Бизнис конференција, утре ќе се одржи семинар наречен Body therapy: Семинар за целосна терапија со многу еминентни експерти и предавачи, а в недела ќе имаат гостин од Индија на семинарот Тајните на духот-алатки за мир, среќа и хармоничен живот, кој ќе зборува за тајните на ајурведата.
– Во меѓувреме на малата и на големата сцена ќе се изведуваат 20 предавања и семинари кои се отворени за посетителите. Имаме и луѓе кои со своите вештини ќе се обидат да му помогнат на некого со специјални масажи, луѓе кои дијагностицираат болести, ќе има предавања од кардиолози итн., додаде Антов.
Фестивалот ќе заврши в недела. Влезниците за отворената програма чинат 100 денари и можат да се купат на билетарата на МОБ.