Околу 1.200 нови случаи со рак на дојка или просечно три до четири жени дневно се дијагностицирани минатата година во Македонија. Поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства на 1 октомври во Градскиот парк во Скопје кај Школка, ќе им дадат повеќе од 1.000 граѓани со симболична прошетка и хуманитарна трка (во должина од еден километар) во рамки на кампањата „Напред розово“ во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден.
– Инциденцата за оваа болест е во голем пораст за разлика од пред осум години. Се повеќе се намалува старосната граница на заболени од рак на дојка. Ако порано се сметаше дека ракот на дојка е болест на жените на возраст над 50 и над 60 години, сега возраста е многу намалена. Има девојки и жени на возраст од 30 години кои имаат рак на дојка, рече денеска на прес-конференција претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева.
Посочи дека Македонија станува повторно дел од глобалното семејство на борци против ракот на дојка, бидејќи октомври е месец за подигнување на свесноста за оваа болест.
Ракот, нагласи, треба да биде приоритет во здравствениот систем на Република Македонија.
– Сакаме да се имплементира национална стратегија за контрола на ракот, за сите видови карцином во Македонија да се обезбеди посебен фонд, бидејќи сметаме дека морталитетот треба да се намали. Наша цел е да се развие стигмата, табу темата за ракот. Успеваме во „Борка“ да постигнеме луѓето да почнат да зборуваат за оваа болест. Она што е важно е да им се овозможи на тие луѓе да се едуцирани за превентивните прегледи кои можат да им го спасат животот, за здравиот начин на живеење, за тоа што треба да го направат за своето здравје…, рече Додева.
Котизацијата за учество на прошетката и хуманитарната трка изнесува 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, oбезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението.
Манифестацијата „Напред розово 2016“ ќе се одржи по осми пат со поддршка на Американската амбасада и компанијата Пелистерка.
Лора Браун, лице за односи со јавност во Американската амбасада, рече дека со гордост ја поддржуваат кампањата и им изразуваат поддршка на болните од рак на дојка.
– Прошетката „Напред розово“ е значаен настан кој ги сплотува заедно луѓето од целата земја во солидарност против оваа болест. Се радуваме што во сабота ќе им се приддружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството кој се бори со оваа болест. Се надеваме дека ќе ни се придружат уште многу повеќе граѓани, додаде Браун.