Во денешното издание на емисијата „Денот започнува со Георги Љубенов“ на БНТ беше претставена бугарската песна „The voice of love“ за „Детска Евровизија“ 2021.
Автори на песната, како што пренесува дописникот на МИА, се македонскиот изведувач Васил Гарванлиев, како и неговите сонародници Давор Јордановски и Весна Малина и бугаринот Стан Стефанов.
Во понеделникот беа претставни младите пејачи кои ќе ја претставуваат Бугарија на „Детска Евровизија“ на 19 декември во Париз. На натпреварот ќе учествуваат 19 земји.
Дуетот Данислава Димитрова и Мартин Стојанов беа претставени на прес-конференција организирана од Бугарската национална телевизија и „Лигна Студиос“, кои се партнери со Општина Добрич во однос на реализирањето на проектот.
Данислава и Мартин се дел од музичкото студио „Сарандев“ од Добрич и се едни од најпознатите млади пејачи од градот. Како дует се претставуваат заедно на сцената од 2017 година под водство на Елена Карабелова.