Бесплатни превентивни прегледи и крос ќе се одржат денеска во Скопје, Штип, Охрид и Тетово во организација на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, а во рамки на одбележувањето на 29 Септември, Светски ден на срцето, под мотото „Тргни кон здраво срце“.
Прегледите ќе почнат во 9 часот на сите четири локации и тоа Скопје – Кеј на реката Вардар (под мостот кај Александар Палас), Штип – областа Суитлак, Охрид и Тетово на плоштад. На истите локации ќе стартува и кросот. Стручни тимови на Институтот за јавно здравје, Институтот за превенција, третман и рехабилитација од кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ во Охрид и центрите за јавно здравје Скопје, Штип и Тетово на пунктовите ќе мерат крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта и телесен индекс на посетителите на манифестацијата кои ќе сакаат да бидат прегледани. Освен прегледите стручните лица на овие институции ќе даваат и совети за превенција од кардиоваскуларните болести и намалување на ризиците и последиците од нив.
Целта на манифестацијата е преку прегледите, препораките, стручните совети, информациите за состојбата со кардиваскуларните болести во Македонија и кросот да се подигне свеста кај општата популација дека преку физичката активност, правилен начин на исхрана, редовните контроли кај матичните лекари и прифаќање на здрав стил на живот може да се влијае на намалување на ризиците кои ги предизвикуваат кардиоваскуларните болести и на последиците од нив – срцевиот и мозочниот удар.
Дел од манифестацијата е и стручниот состанок, кој ќе се одржи во организација и со поддршка Македонското здружение по кардиологија. На стручната јавност ќе и се обратат пет предавачи од кои двајца се од Институтот за јавно здравје и тројца од Македонското здружение по кардиологија. На состанокот ќе стане збор за тоа дали се оди кон поздраво срце, зголемената телесна тежина и дебелина кај училишните деца, како да се охрабрат децата да го најдат патот до здравото срце, физичката активност во превенција на кардиоваскуларните болести и жената и кардиоваскуларните заболувања.
Светската федерација на срце и нејзините членови годинава повикуваат поединци и родители да го намалат сопствениот ризик и ризикот на нивните семејства бидејќи само здрави деца водат кон здрави возрасни и здрави возрасни лица можат да доведат до здрави семејства и заедници.
Трендот на смртност од кардиоваскуларни болести во Македонија е во постојан пораст, а во вкупната смртност тие учествуваат со 60 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2012 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.926 лица од кои 5.739 се мажи, а 6.187 се жени, со вкупна стапка на смртност од 578 на 100.000 жители. Како значајна причина за смрт во структурата на циркулаторните болести со 100 смртни случаи на 100.000 жители или околу 2.000 смртни случаи годишно учествуваат исхемичните болести на срцето. Секоја година се регистрираат повеќе од 3.000 срцево-садовни заболувања.