Под мотото „Да го затвориме јазот! Подеднаков третман за сите“, Здружението на хемофиличарите денеска ќе го одбележи Светскиот ден на хемофилијата – 17 април.
Хемофиличарите, членовите на нивните семејства и останатите присутни, пред Порта Македонија со симболично пуштање на црвени балони ќе ја пренесат својата порака дека се дел од заедницата и сакаат да бидат прифатени и интегрирани целосно во сите сегменти на живеење, почнувајќи од детска возраст. Дел од симболиката ќе биде и групно возење на велосипеди околу фонтаната на Воинот на коњ.
Во чест на Светскиот ден на хемофилијата во вечерните часови, фонтаната на Воинот на коњ ќе биде осветлена со црвена бој.
Хемофилијата е наследна состојба која се карактеризира со целосен недостаток или намалено ниво на фактор на коагулација, поради што е оневозможено нормално одвивање на процесот на запирање на крвавењето. Не е заразна болест која може да се пренесе од човек на човек. Кај хемофилијата крварењето може да се манифестира во било кој дел од телото, може да се случи по повреда, но и без причина.