Триесет и вториот роденден на Тоше денеска ќе биде одбележан пригодно во Спомен-куќата во Крушево, каде што во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда ќе се одржи концерт на кој ќе бидат изведени негови песни.
Ќе настапат Билјана Талеска, Андријана Јаневска, „Некст тајм“, Александра Пилева, Бендот на Тоше и неговиот внук Кристијан со својот бенд. Македонскиот ликовен уметник Сократ Лафазановски ќе подари слика во чест на Тоше.
На настанот, кој го организираат НУ Спомен-дом на Тоше Проески и Меѓународната фондација „Тоше Проески“, ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која претходно ќе го посети гробот на Тоше.
Годишнината од раѓањето на Тоше ќе биде одбележана со промоција на албум со најголемите негови хитови, меѓу кои е и една нова песна „Све је премало за крај“, за која ќе биде промовиран и видеозапис. Тоше ја снимил песната во 2006-та, автор на музиката и текстот е Јелена Трифуновиќ, а аранжманот е на Никша Братош.
За роденденот на Тоше во Дом на АРМ во Скопје од 10 до 18 часот ќе има акција за дарување крв која ја организира Црвениот крст на Град Скопје во соработка со Тоше фан клуб форумот.
Оваа година се очекува и објавувањето на книгата за Тоше со наслов „Ова не е крај“ на која работи Соња Алексовска-Неделковска.
Во изминатите четири години, меморијалните концерти за роденденот на Тоше се одржуваа во Скопје. Првиот беше на 5 октомври 2008 на Градскиот стадион, каде учествуваа познати имиња од естрадата на Балканот, а присуствуваа над 40.000 луѓе. Беше насловен „Те сакаме сите, Тоше“ и беше по повод една година од последниот негов концерт.
Со одлука на фондацијата, од 2010-та концертот за Тоше се одржуваше на неговиот роденден во јануари, а фановите продолжија да го одбележуваат и датумот од последниот концерт и на секој 5 октомври да организираат „Ѕвездено небо“ на плоштадот во Скопје. Во 2010. и 2011 година меморијалниот концерт „Со љубов за Тоше“ се одржа во преполниот Спортски центар „Борис Трајковски“, каде настапија негови колеги, пријатели и соработници од регионот.
На сите меморијални концерти имаше и изненадувања за публиката, постхумна промоција на непознати композиции од Тоше, како дуетот со внук му Кристијан – My Little One, потоа Још увек сањам да смо заједно, Наслони главу на моје раме, Can You Feel The Love Tonight…
Четвртиот концерт минатата година беше поинаков од претходните и се одржа на нова локација – Македонската опера и балет. Идејата на организаторите беше на публиката да и се открие првата љубов на Тоше – операта, па неговите хитови прозвучија како арии, изведени од познати солисти од Македонија и од соседните земји.