Иако веќе почна октомври се уште не е доцна за одмор на Кипар.
За сите оние кои сакаат одморот да го поминат уживајќи на преубавите плажи, во хотели со одлична услуга и содржина, многу историски локалитети и единствена природна убавина, овој остров претставува вистински избор.
Островската држава има многу поволна географска положба во источен Медитеран, на крстосница на три континенти, Европа, Азија и Африка. Географски и припаѓа на Азија, а културно-политички на Европа, чие влијание се чувствува на целиот остров.
Најинтересни туристички центри на островот се Киренија, Фамагуста, Аја Напа, Ларнака, Лимасол, Пафос и Протарас.
Киренија и Фамагуста се бисери на Северен Кипар, можеби се уште недоволно познати во јавноста, но секако им се добро познати на вистинските љубители на туризмот.
Киренија е пристанишен град, преполн со таверни, ресторани и многубројни продавници, но и со историски споменици, меѓу кои секако се истакнува античката тврдина со музеј, а на само неколку минути возење од Киренија се наоѓа замокот на Свети Хиларион изграден за време на Крстоносните војни.
Фамагуста е позната по најубавите плажи на целиот Кипар, а самиот град претставува автенитчна целина со познатиот „град на духови“, Отело кулата и готската катедрала од 13. век.
Најпознати летувалишта во јужниот дел на Кипар се Ларнака, еден од најстарите градови на островот и Лимасол, втор по големина град. Уште еден бисер меѓу градовите претставува Аја Напа. Позната е по недопрената природа, долгите песочни плажи и топлата вода, така што претставува место за љубители на капењето, сончањето и спортовите на вода.
Од градовите во овој дел на островот треба да ги споменеме и Пафос и Протарас. Пафос, некогашна античка престолнина на Кипар, претставува најголемо културно богатство на островот, а не треба да ги заборавиме ниту неговите 27 преубави плажи.
Протарас на југоисточнот дел на Кипар, некогаш стариот град Леукола, денес е модерна туристичка дестинација со голем број хотелски комплекси, кои претставуваат вистинско место за нешто помирен и вистински семеен одмор.