Нетфликс годинава нема да учествува на Канскиот фестивал, изјави извршниот директор на компанијата Тед Сарандос во интервју за „Вараети“.
Одлуката следи откако организаторите на фестивалот забранија филмови што веќе биле прикажани на телевизија да влезат во конкуренција за наградите. Платформата, сепак, нема да ги бојкотира филмовитe потоа.
– Ние сакаме нашите филмови да имаат фер услови. Тие (организаторите) си го кажаа своето. Не би било добро за нас да бидеме таму, смета Сарандос.
Нетфликс како продукциска компанија на фестивалскиот натпревар лани остави силен впечаток со своите два филма – „Окја“ и „Приказните на Мајеровиц“.