Следува писмо на една ќерка до нејзиниот татко. Ова е писмо, кое секој татко на светот кој има ќерка треба да го прочита.
Драг тато,
Одлично ти оди. Ти благодарам за секој пати кога ми кажа дека сум грозно нашминкана (патем ги избришав сите слики од пред некоја година, бев грозна). Ти благодарам што беше искрен и ми рече дека тетоважата, која ја направив е страшна. Беше во право изгледа евтино, но што е тука е… Ти благодарам што ми помогна да ја напишам првата биографија во животот. Само така продолжи, се што правиш за мене, се што ќе кажеш се е на место. Но, сепак има уште неколку работи кои ги сакам од тебе (знам, барам многу). Бидејќи ми е малку тешко да ти кажам лично, ќе ти напишам што ми е потребно.
Сакам да ми зборуваш дека сум прекрасна. Тое не е чудно, ниту необично. На тој начин ги градиш моите очекувања на правилното ниво, така што од мажите кои ќе се појават во мојот живот нема да прифатам помалку од она што го заслужувам. Знам дека ти си силен, молчелив тип, кој своите чувства ги покажува на дело, а не со зборови, но обиди се. Потребна ми е оваа „потврда“ дека сум убава и ако не ја добијам од тебе, ќе го поминам остатокот од својот живот барајќи ја на друго место.
Сакам да се чувствувам заштитено. Иако се правам дека сум навредена кога се шегуваш дека нема да ми дозволиш да излегувам со момчиња додека не наполнам 40 години, вистината е дека сакам да се чувствувам како да сум посебна и дека заслужувам специјален третман. Што ме води до следното…
Сакам да го скенираш секое мое момче и тоа да му ставиш на знаење, но на суптилен начин. Тоа не е безобразно, тоа само покажува дека ти е грижа.
Сакам да видам кога на мајка ми и покажуваш дека ја сакаш. Среќна сум кога ќе забележам дека и по сите тие години си луд по жената на која најмногу се угледувам во животот. Тоа прави да верувам во идејата за брак и љубов за цел живот. И тоа ми е важно, бидејќи општеството во кое живееме од ден на ден ги девалвира бракот и семејството.
Те молам да заборавиш на маиците со шеговити натписи. Не сум сигурна како воопшто опстанаа сиве овие години, но дефинитивно не одат на летување со нас оваа година. Многу ми е жал. Ти и мама одгледавте жена, која има стил. Верувај ми.
Потајно сум горда кога на пријателите им се фалиш со моите успеси. Иако се однесувам како да си ме посрамил кога за тоа во што сум добра им раскажуваш на келнерите додека чекаме кафе или на мајсторот, кој дојде да ни ја поправи климата, пресреќна сум што те правам горда. Потврдата на моите успеси кои ги добивам од тебе е скапоцена. И ништо не ме прави посреќна, отколку кога ќе видам дека ме гледаш со гордост.
Но, понекогаш ми е потребно да ме пуштиш. Нема секогаш да бидам успешна во се. Но, кога ќе доживеам неуспех, кога ќе погрешам и кога повторно ќе погрешам… потребно ми е да ми подадеш рака да се подигнам. Не со критика и нетрпение, туку со љубов. Како што реков пред малку, ништо не ме прави посреќна од гордоста во твоите очи, но ако љубовта ја покажуваш само кога сум добра во нешто, ќе станам несигурна. Тоа е клучот. Покажувај ми, повторно, повторно и повторно, дека си горд на мене заради мене самата, без оглед на моите студии, работата, момчињата, платата, начинот на живот… Потребна ми е твојата безусловна љубов повеќе од се.
Те сакам, твојата ќерка.