Иако Венера е една од најнеповолните планети во нашиот Сончев систем, можно е во неа да се крие форма на живот, но во друг облик.
Според истражувањата објавени во списанието „Астробиологија“, облаците од киселина на оваа планета се претпоставува дека се домаќини на едноставни микробиолошки организми.
Научниците ги истражувале темните сенки во облаците на Венера и преку ултравиолетови зраци и вселенски сонди е откриено дека се составени од сулфурна киселина и честички што апсорбираат светлина.
Професорот Ракеш Могул, еден од авторите на студијата при Политехничкиот универзитет во Калифорнија, појаснува дека бактериите би можеле да бидат одговорни за присуството на сулфурна киселина.
– На Земјата знаеме дека животот може да постои во многу кисели услови, да се храни со јаглерод диоксид и да произведува сулфурна киселина, истакна тој.
Научникот наведува дека Венера има токсична атмосфера со високи температури, а низ облаците од киселина може да се видат вулкани и деформирани планини. Меѓутоа, според неговото истражување, планетата би можела да има клима погодна за населување дури за период од две милијарди години.