Во текот на вчерашниот ден и синоќа во рамките на „Пивофест“ во Прилеп имало над 150 илјади посетители, а било испиено околу 112 тони пиво.
– Атмосферата беше лудо весела, се беше разиграно и распеано. Сите посетители заедно со музичките ѕвезди кои настапија синоќа ги пееја песните што се своевидни евергрини. Настапија Миле Кузманоски, Соња Трчуловска, хрватската музичка ѕвезда Данијела Мартиновиќ и познатиот исполнител на фолк музика Халид Бешлиќ, изјави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Додаде дека според пресметките, на третиот фестивалски ден биле испиени 112 тони пиво, а изедени 41 тон скара. Во градот влегле над 25 илјади возила.
Градоначалникот Ритески е задоволен од безбедноста и од фактот што не се случил ниту еден инцидент.
– Голема благодарност до МВР, Фестивалот одминува без ниту еден инцидент, а тоа е најважно. Јавните комунални претпријатија хигиената ја одржуваат на највисоко ниво, вели Ристески.
Тој ги посети камперите во кампингпросторот на Паркот на Револуцијата. Таму, над 200 кампери од цела Макеоднија, задоволни од условите, зашто повеќето доаѓаат секоја година. Гостите секој ден добиваат бесплатни кафе, чај и чорба.
Вечер на завршницата од фестивалот се очекува најголема забава. Фестивалот ќе го затвори балканската мега ѕвезда Горан Бреговиќ и неговиот Оркестар за свадби и погреби. Како изненадување се навестува спектакуларен огномет.