Научниците во човечкиот мозок откриле тип клетки кои се однесуваат како систем за глобално наведување – ГПС, објавено е денеска на порталот „Медикал њуз тудеј“ (Medical News Today).
Научниците веќе утврдиле дека мозокот на глодарите и приматите има „вмрежени“ клетки кои на животните им помагаат да ја следат локацијата на сродниците кога се движат во непозната средина.
Вмрежените клетки праќаат сигнали на друга група клетки, а двете групи испраќаат сигнали на хипокампусот, дел од мозокот што игра клучна улога во формирање на сеќавањата.
Заедно, тие две групи помагаат во создавање ментална слика за положбата.
Научниците сега докажале дека слични клетки постојат и во човечкиот мозок, и му овозможуваат на човекот да се снајде во непозната средина.
Тим научници од Универзитетот Дрексел во Филаделфија, кој дошол до овие откритија, го спроведе истражувањето врз 14 лица заболени од епилепсија, следејќи ја активноста на мозокот додека играле видео игра.
Играта се состоела во тоа со помош „џојстик“ да се движат низ просторот и да најдат предмети во разни точки во непозната средина, и потоа да се сетат каде биле тие предмети.
За време на експериментот, научниците ја набљудувале активноста на клетките на мозокот.
Шефот на истражувањето Џошуа Џејкобс изјави дека се утврдило оти постои тројна шема на вмрежени клетки кои играат клучна улога.
– Без вмрежени клетки, најверојатно луѓето постојано би се губеле или би можеле да се движат само по познат простор. Затоа вмрежените клетки се клучни за одржување на сеќавањата за местото во просторот, рече Џејкобс.
Вмрежените клетки кај луѓето се наоѓаат во делот во мозокот познат како енторинален кортекс, како и кај животните.
Енториналниот кортекс е еден од првите делови од мозокот кој го напаѓа Алцхајмеровата болест.
Џејкобс наведува дека подоброто разбирање на вмрежените клетки би можело да им помогне на научниците да разберат зошто луѓето заболени од Алцхајмерова болест стануваат дезориентирани, и дури и да најдат начин да ја унапредат нивната мозочна функција.