Милијардерот Јусаку Маезава објави оглас во којшто бара придружничка на неговото вселенско патување, но и воопшто – во животот.
Јапонецот има 44 години и е прв сопственик на билети за туристичко патување на Месечината, организирано од Спејс-Икс и закажано за 2023 година. Познат е и по тоа што пред само неколку дена преку Твитер на своите следачи им подели девет милиона долари.
Неговиот вкупен имот се проценува на две милијарди долари. Основач е на најголемиот јапонски трговски синџир за облека – Зозо.
– Полека ме обземаат чувства на осаменост и празнина. Затоа, постојано размислувам за едно нешто: Сакам да сакам една жена, напиша Маезава на својата интернет-страници.
Во објавата се вели и дека не би било никаков проблем ако не знаете јапонски.
– Сакам да најдам животна партнерка и од Вселената да испратам порака за нашата љубов и мир во светот, додава Јапонецот.
Жените кои имаат над 20 години може да се пријават на неговата интернет-страница.