Македонските денови во Париз – начин за запознавање на европската јавност со случувањата во Македонија

Од:

Со проекцијата на документарниот филм за орото „Тешкото“ во изведба на фолклорниот ансамбл „Танец“, синоќа заврши Меѓународниот научен колоквиум насловен „Дваесет години независност: биланс и перспективи“, што се одржа во Институтот за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) организиран од катедрата по Македонски јазик во Париз, јави дописникот на МИА од Париз.

Документарецот беше проследен со излагањето на докторантот Пјер-Андре Овињи за значањето на ова ора. Претходно археологот Јовица Станковски го претстави локалитетот Кокино.

Дводневниот колоквиум предизвика голем интерес и дозволи да се дебатира за повеќе актуелни прашања во Македонија.

– Овие видови на меѓууниверзитетска и научна размена, меѓу Франција и другите земји од Западна Европа со Македонија, секогаш се значајни настани. Тоа им дозволува на двете страни да се запознаат со извесни реалности и проблематики, кои заслужуваат да бидат познати од двете страни, како на пример и за Македонците кои понекогаш не ја познаваат добро историјата на нивната земја. Но, пред се за француските научници и публика подобро да се запознаат со проблематиката, која заслужува повеќе внимание и научен пристап од професори и научни работници кои се интересираат за ова прашање, изјави Оливие Жиле професор на Слободниот универзитет од Брисел.

Горан Илиќ, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола оцени дека оваа манифестација вреди да се спомене, тргнувајќи од фактот дека меѓународното значење или акцентирање на конкретно прашање има исклучително позитивни ефекти.

– Еден од тие ефекти е всушнот промовирање на македонската самостојност и на македонскиот културен, јазичен и социо-политички идентитет во поширока смисла во меѓународни рамки. Дотолку повеќе што тоа се одржува во една од европските метрополи и престолнини – Париз, нагласи Илиќ.

Организаторите на „Македонските денови“ задоволни од научната манифестација.

– Отворени беа многу прашања и тие не беа исцрпени, што логично не води до заклучокот дека ќе мораме и во иднина, се надевам идната година, да организираме други ‘Македонски денови’. Ова и поради потребата да се објасни доста сложената ситуација на Македонија, за публиката подобро ја разбере ситуацијата со оглед дека во француските медиуми и изданија многу ретко се наѓаат информации за Македонија. Затоа мислам дека овие манифестации, како нашата даваат можност да се презентираат информации за состојбата во Македонија, заклучува Фроса-Пејоска Бушро одговорна за наставата по македонски јазик на ИНАЛКО во Париз и организатор на колоквиумот со помош на Јован Костов и Тони Гламчевски.

Во делот посветен на македонскиот јазик и литература, преводот од македонски на француски јазик, Дореана Христова од Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје ја претстави работата на катедрата за преведување и толкување по француски јазик, додека Јован Костов докторант од ИНАЛКО зборуваше за еволуцијата на граматичките норми во македонскиот јазик со примерот на глаголот.

Студентите по македонски јазик на ИНАЛКО со посебен интерес го проследија излагањето на Елка Јачева-Улчар за стандардот на правописот на македонскиот јазик со историски преглед, но и перспективите.

Марија Бежановска, преведувачка на македонска литература на француски јазик направи пресек на она што на француската и франкофонската читателска јавност и е достапно од македонските литературни фондови, додека Доминик Долмио француски режисер, зборуваше за македонскиот театар, преведувањето на македонски драмски пистаели и нивното поставување на сцените во Франција.

Професорот Горан Илиќ од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола го претстави уставно-правниот и политичкиот развој на Република Македонија од независноста до денес на што се надоврза излагањето за Рамковниот договор и делегитимацијата на идентитетот и на македонскиот јазик, подготвено од професорката Фроса Пејоска-Бушро раководоителка на катедрата по македонски јазик на ИНАЛКО.

Професорот Илјо Трајковски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје се осврна на развојот на граѓанското содружништво и општество во Република Македонија, социологот Катрин Лутар од Универзитетот од Стразбур зборуваше за Законот за амнестија или невозможното судење на воените злосторства во Македонија.

Тони Гламчевски од катедрата по македонски јазик од ИНАЛКО ја претстави ситуацијата со етничките малцинства (заедници) во Македонија како фактор за стабилност, а лекторот по македонски јазик во ИНАЛКО Огнен Вангелов зборуваше за Македонија во бугарските и албанските национални стратегиски програми во деведесетите години.

Историчарот Иван Савев, пак, се осврна на иднината на Македонија со поглед на историјата, додека Светлана Зашова доктор за меѓународно право, ја опфати темата за Македонија како членка на меѓународните организации. Андре Бушман членка на Конгресот на локалните и регионалните власти од Европа зборуваше за ситуацијата со локалната демократија во Македонија. Ханс Јурген Захорка судски експерт и директор на евроспикиот институт „Либертес“ се задржа на евро-атлантските и европските перспективи на Македонија, додека Оливие Жиле професор на Слобдониот универзитет од Брисел се обиде да го објасни односот на македонската држава со Македонската православна црква и нејзините напори за признавање на автокефалноста.

На крајот од колквиумот стана збор за конкретната размена меѓу Франција и Македонија, при што Смиле Петровски од француско-македонското здружени „Илинден 1903“ и Жак Шлеф претседатле на здружението Алзас-Македонија зборуваа за нивните искуства во размената меѓу двете земји и луѓето. Одре Полмие од регионот Долна Нормандија ја претстави децентрализираната соработка на овај француски регион со Република Македонија, што во последните шест години дозволи бројни размени на сите нивоа и збратимување меѓу седум македонски градови со исто толку нормандиски градови.

На манифестацијата присуствуваше и новоназначената француска амбасадорка во Македонија Лоранс Оер, која амбасадорската функција треба да ја преземи во јануари идната година.

Францускиот Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), попознат и под името „Лангуес О’“е еден од најстарите научни институти во Франција. Создаден е од Колберт во 1669 година, а македонскиот јазик е еден од 99 јазици колку што се изучуваат на овој институт. Факултативната настава за македонскиот јазик започна во 1962, а од пред неколку години студентите можат да се стекнат со диплома за завршени мастер студии од областа на македонистиката.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ