31-годишната Сорокин наводно е ослободена со кауција од 10.000 долари во средата и сега ќе биде во домашен притвор.
Ана „Делвеј“ Сорокин, озлогласената измамничка која се претставувала како германска наследничка и ја измамила њујоршката елита, наводно е ослободена од затвор, но ѝ е забранет пристапот до социјалните мрежи.
Родената Русинка направи гламурозна измама – оштети банки и големи имиња на Менхетен во износ од околу 67 милиони долари за да го финансира нејзиниот луксузен и скап животен стил.
– Исклучително сме задоволни од денешната одлука на судот за ослободување на Ана Сорокин, изјави за американските медиуми нејзиниот адвокат Данкан Левин.
Сорокин (31) наводно била ослободена со кауција од 10.000 долари во средата и сега ќе биде во домашен притвор.
– Иако има уште неколку пречки за „прескокнување“ во однос на условите за нејзиното ослободување, Ана е воодушевена што е ослободена за да може да се фокусира на жалбата – изјави адвокатот Левин.
За нејзините подвизи во таканаречениот „лет на измама“, Сорокин беше прогласена за виновна за осум обвиненија, вклучително и голема кражба, во април 2019 година и осудена на четири до 12 години затвор. Таа беше ослободена од државниот затвор во февруари 2021 година, но брзо се врати во затвор откако беше приведена од страна на Имигрантската и царинска служба (ICE).
Одлуката на американскиот судија за имиграција Чарлс Конрој во средата доаѓа со интересна одредба: Сорокин мора да се воздржува од какви било социјални медиуми, „директно или преку трето лице“.
Таа со години беше позната како Ана Делвеј, богата германска наследничка со префинет вкус за скапо вино, приватни авиони и дизајнерска облека. Таа стана сензација на социјалните мрежи – дури и за време на нејзиното судско рочиште, нејзиниот профил на Инстаграм беше исполнет со слики од нејзините комбинации и нејзините секогаш препознатливи очила со дебели рамки.
Меѓутоа, кога се појавија првите вести со кои се доведува во прашање нејзиниот идентитет, приказната се рашири како шумски пожар. Обвинителите рекоа дека Сорокин крадела од другите додека се преправала дека има богатство од 60 милиони евра, влегувајќи во повисоките ешалони на општеството преку повеќекратни измами во 2016 и 2017 година, финансирајќи го животот што инаку не би можела да си го дозволи.
Таа е обвинета за кражба на околу 230.000 долари – вклучително и сметка од 30.000 фунти што не ја платила за изнајмен авион.
Таа беше осудена на четири до 12 години затвор, а подоцна беше ослободена, но брзо беше вратена во притвор од имиграциските власти.
Нејзиното сензационално злосторство беше тема на вести, популарен подкаст, а се сними и серија, која е хит на Нетфликс Inventing Anna.