Во организација на винарската визба „Тиквеш“, ќе се одржи првата стручна конференција во Македонија на тема „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето – истражувања и докази”.
Основна цел на конференцијата е да помогне во популаризирање на научно потврдените факти за здравствените ефекти на виното, како и за потенцијалот и карактеристиките на македонските вина и грозје во однос на состојките што влијаат на здравјето.
На конференцијата, клучни наоди од нивните научни трудови ќе презентираат експертите Сабина Пасамонти, професор на Универзитетот во Трст (Италија), експерт за молекуларна исхрана чии истражувања водат кон подобро разбирање на значењето на исхраната врз човековото здравје. Истовремено таа е експерт за иновации и трансфер на знаење во областа на биомедицината и Клемен Лисјак, енолог и истражувач на Земјоделскиот институт на Словенија. Тема на неговата истражувачка дејност се ароматските и полифенолните профили на грозјето и виното, имплементација на нови аналитички методи и нови технологии за винификација на грозје и вино;
Постариот научен соработник на Земјоделскиот институт на Словенија и вонреден професор на Школата за лозарство и енологија на Универзитетот во Нова Горица Андреја Ванзо, ќе говори за анализите од научните истражувања на примарни и секундарни метаболити во грозјето и виното.