Вселенскиот туризам привлече голем број компании во развивањето летала, со кои богатите луѓе ќе отпатуваат на работ на вселената, а меѓу нив сега се вклучија и Кинезите.
Компанијата China Academy of Launch Vehicle Technology (CALT) со поддршка на Владата работи на големо вселенско летало, кое само би полетувало и слетувало и притоа би превезувало до 20 патници.
Проектот е презентиран на конгресот во Мексико минатата недела, со напомена дека дизајнот може да се прилагоди за прифаќање на повеќе патници.
Хан Пенгсин за „New Scientist“ изјави дека пробните летови компанијата би можела да ги спроведе за две години, а лансирањето би можело да се случи во 2020 година, доколку леталото се шокаже дека е безбедно. Билетот за овој лет ќе чини меѓу 200.000 и 250.000 долари.
Кинеската компанија дизајнираше и две верзии од леталото. Едната од десет тони би можела на височина од сто километри да пренесе пет патници, додека поголемата, од сто тони, би можела да пренесе 20 патници. Леталото потсетува на спејсшатл, а двете верзии би се користеле за повеќе летови. Поголемата би имала и комерцијална цел, односно со неа би се лансирале и сателити.
Роџер Лаунијус од Смитсониан за „New Scientist“ изјави дека дизајнот е интересен, но дека во работата која е претставена во Мексико недостигаат премногу технички детали, односно не е објаснето како компанијата планира сето тоа да го реализира во две години. Лаунијус истакнува дека е многу полесно да се дизајнира летало и се зборува за можностите, отколку навистина да се реализира целета работа.