Како разводот влијае врз децата?

Од:

„Најубаво нешто за едно дете е да може да расте со двајцата родители“. Ова пред извесно време го напиша едно дванаесетгодишно девојче на „Фејсбук“ чии родители пред неколку месеци одлучија повеќе да не живеат заедно. А оваа мисла најдобро говори како размислуваат децата за разводот на нивните родители.

Во последно време како во светот, така и кај нас бројот на разводи се зголемува, не само кај младите, туку и кај постарите, чие брачно искуство е подолго. Кога веќе брачните другари не можат да го продолжат заедничкиот живот, раздвојувањето треба да го извршат на мирен и разумен начин, за да не се одрази нивниот развод штетно по здравјето и воспитанието на нивните деца, предупредуваат стручните лица.

– Тоа треба да се прави од едноставна причина дека разводот односно прекинот на брачните врски не значи и прекинување и престанување на задолженијата и обврските кон заедничките деца. По разводот, секој од родителите сака да живее сам, но не треба да се заборава дека на децата и понатаму им е потребна љубов, внимание и економска стабилност што ќе ги прави да се чувствуваат сигурни, радосни и здоволни, неосамени, а особено додека не наполнат 6 или 7 години, кога и почнуваат да го осознаваат светот и кога се формира нивниот карактер и се зацврстува нивниот нервен систем, вели докторката Персида Малинска од Центарот за јавно здрвје од Скопје.

Според неа, ако пак, дојде до распаѓање на семејството во времето кога децата се од 7 до 12 – годишна возраст, тоа ќе се одрази уште пожестоко зошто децата на таа воздраст, и покрај тоа што си имаат свои проблеми во психофизичкиот развој, ги осознаваат и сфаќаат проблемите и на своите родители, но не се моќни нешто да преземат и да го спасат бракот на своите родители.

Детето мисли дека е виновно за разделбата на родителите

Докторката објаснува дека децата секогаш мислат дека се тие виновни за тоа разделување на родителите. Реакциите се забележуваат дури и кај децата од 2 или 3 – годишна возраст, вели таа.

– Децата не страдаат само од чувство на срам или виновност, туку и од чувство на страв од осаменост и напуштеност, потенцира докторката Малинска.

Според неа, честа е појавата родителите да им ги соопштуваат своите нечесни работи на децата. Често се караат, псујат, ги потценуваат и омаловажуваат своите блиски (мајка, татко). Брачните другари треба секогаш да се воздржани затоа што на децата им се потребни и двата родитела. Нечесните приказни за мајката или таткото ја раздразнуваат врската кај децата.

– Треба да се биде искрен со децата. Родителите треба да им објаснат зошто се разделуваат, и притоа да внимаваат да не го прикажат брачниот другар како злонамерен или неморален човек, да не го користат како свое оружје. Не треба да се менува средината каде дотогаш детето живеело. Станот, училиштето и другарчињата, нека ги имаат истите играчки, истите книги кои им се омилени. И двата родитела треба колку што е можно да бидат почесто со децата, а од голема важност е и присуството на дедото и бабата. Доколку децата останат кај мајката, таткото не треба да се одмаздува со тоа што ќе им купува скапи подароци и ќе ги опкружува со нежност и љубов, а пред разводот не постапувал така. А, сега го прави тоа само за да се види дека мајката не може да им го пружи тоа. Таквиот однос само ги расипува децата и им го менува однесувњето кон родителот што ги чува, вели докторката Малинска.

Според неа, таквиот однос ги расипува децата и им го менува однесувањето кон родителот што ги чува. Докторката вели децата стануваат нетолерантни кон мајката или кон таткото, непослушни, дрски и арогантни, и се поставуваат така за да можат само да си ги задоволат своите материјални потреби, а чувството кај нив за нежност, внимателност и стрпливост се губи.

Таа советува дека на децата треба да им се даде толку колку што им е потребно, а не да се опсипуваат со пари и подароци.

– Да не се подгрева омразата кон оној родител кој ги чува и воспитува децата. Да се посетуваат редовно родителите, иако тие се одделени, и тие посети да поминаат во ведрина и со убаво расположение, а не со оптоварување. Посетите се од неопходна важност за децата, зошто тие ги прават среќни, иако родителите не се заедно. Разделените сопружници треба да направат се што можат за да ги оспособат децата за нормален и пристоен живот, вели докторката.

Разводот носи и „развод“ со децата

Пред извесно време, поточно на 25 Април – Светскиот ден на борба против отуѓување на родителите од децата во Македонија, група родители покренаа иницијатива за воведување на 50/50 поделено/двојно старателство.

– Го покренуваме овој проблем како група на родители, кој се сведува на тоа дека кога ќе се разведеш од брачниот партнер, ако не го добиеш старателството автоматски мораш да се разведеш и од децата. Тоа е така затоа што Центрите за социјална работа изрекуваат решенија според кои гледањето на децата е крајно ограничено, односно не повеќе од 5-6 дена во месецот, за време на празници не повеќе од 24 часа… Ова за нас е негативно, затоа што никој од нас не е криминалец или насилник, се уште сме истите луѓе, истите родители кои си ги сакаат децата и по разводот, а исто така и децата ја имаат еднакво потребата да не гледаат нас и да бидат со нас исто како што било додека траел бракот, изјави Наум Рибаровски, претставник на Граѓанската Инцијатива на група родители за воведување на 50/50 поделено/двојно старателство.

Поддршка на иницијативата даде и Детската амбасада Меѓаши.

– Зошто Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја подржуваа оваа иницијатива? Прво, на листата на проблеми со кои децата се соочуваат и дојавите на нашиот СОС телефон за деца и млади и второ како најголем проблем се преку разводните постапки и траумите кој децата ги трпат од истите. Сметаме дека во најдобар интерес на децата е да имаат правилен раст и развој со двајцата родители и двајцата родители да имаат подеднаква одговрност во растот на детето, во неговото образование и грижа, вели првиот човек на Меѓаши Драги Змијанац.

Тој вели дека, со постапките кој Центарот за социјална работа ги прави, дополнително ја отежнува оваа потреба на детето за двајца квалитетни родители, кои ќе остваруваат квалитетни родителски права и приоритетот во најголем број на случаи го доделува на мајката, а таткото го има правото на видување што значи дека на некој директен начин е обесправен во добрата комуникација за остварување на родителското право.

– Сметаме дека одност старател и право на видување не е еднаков и релевантен за детето, дека државата мора да изнајде нови механизми, со што ќе им даде и на двајцата родители еднаков пристап во воспитувањето, односно споделено, подеднакво, одговорно родителство , а притоа да нема надмудрување меѓу двајцата родители – кој ќе има право на старателство, а кој ќе има право на видување, потенцира Змијанац.

Ирена Радовановиќ

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Откриен е страшниот мотив за смртта на цело семејство од Франција

ВИДЕО: Милиони луѓе мислат дека ова бебе е гениј

Ана Ололовска

Децата не сакаат општи прашања

Ана Ололовска

Смислата за хумор се развива во првиот месец од животот

Ана Ололовска

Децата „Алфа“ – новата дигитална генерација

Ана Ололовска

Најчестите митови за единците

Ана Ололовска