Велосипедот е мошне корисно превозно средство. Тој е добар за кондиција и не е многу скап за одржување. Најважно во одржувањето е секогаш да има добри кочници и седиште, прилагодено на висината на детето, кое го вози.
Децата кои почнуваат порано да возат со три тркала или со помошни тркала, подоцна полесно ќе научат да возат велосипед на две тркала.
Кога е време за возење на две тркала?
Се зависи од вештината на детето, некои деца веќе на четири години знаат да возат велосипед на две тркала, а некои дури кога ќе тргнат во основно училиште. Повозрасните деца „потешко“ учат да возат велосипед, затоа што имаат повеќе страв (знаат што е опасност) од паѓање, повреди или од големината на велоспедот. На некои им е проблем да одржуваат рамнотежа, па тоа ги успорува при учењето. Децата кои често возеле велосипед на четири тркала, полесно го совладуваат возењето на две тркала, кога ќе им ги тргнат помошните.
Што да правиме ако детето се плаши?
Доколку вашето дете се плаши мора на убав начин да го убедите дека тоа не е ништо страшно. Одвојте едно попладне само за учење и никако не смеете да бидете нервозни. Ако почнетев да му викате на детето, тоа повеќе ќе се уплаши, а постои и веројатност дека ќе му се создаде аверзија кон возењето. Доближете му се со многу љубов и тактика, охрабрете го своето дете и кажете му слободно да се потпре на вашите добронамерни совети. Кажете му да не се грижи ако падне, затоа што има заштитен шлем и штитници за колената кои ќе му ја ублажат болката. Објаснете му и дека не мора за еден ден да го совлада возењето, туку ако треба ќе повторувате повеќе пати. Не го учете да вози каде што има фреквентен сообраќајот. Најдобро е да го учите на кеј или во некој двор со рамен терен.
Која тактиката е најлесна за учење?
Пред да почне да учи да вози, прво научете го како да се качи на него. За некои деца ова е вистинска вештина. На пример детето нека застане покрај велосипедот и со двете раце цврсто да го фати воланот. Педалите да бидат поблиску до нозете. Треба да развие осет да ги врти педалите непрекинато, но не премногу бавно за да одржува рамнотежата. Детето не треба да брза, затоа што уште не знае како да закочи. Бидејќи се уште нема добра рамнотежа, вашето дето ќе се накривува на велосипедот, па би било подобро истовремено да ги држите седиштето и воланот. .
Детето е малку посигурно, но како да се симне?
Кога ќе се уверите дека повеќе не се накривува, дека станува посигурно во себе, пробајте со вртењето. Ако видите дека детето го фаќа паника, отстапете и пробајте друг начин. Доколку детето сака да се симне од велосипедот би требало прво да успори, да стисне предна кочница или да закочи со педалата. Веднаш по застанувањето би требало да ги спушти нозете на земјата.
Кога е подготвено за самостојно возење?
Кога ќе биде сигурно во себе и кога ќе ги научи сите овие работи, ќе видите дека детето почнува само да го забрзува возењето, помалку да накривува лево-десно и дека се повеќе е опуштено додека вози. Тогаш пуштете го полека седиштето, но не му зборувајте за да не го фати паника. Кога ќе заврши со возењето пофалете го детето и кажете му дека возело само. Ако детето е расположено предложете му сето ова да го проба повторно само без ваша помош. Следниот чекор е учење да вози во сообраќај.