Бакнеж на полноќ во Чернобил, топли прегратки во хотел од мраз, испраќање на 2017 од дворецот на Дракула, пречек на Новата година меѓу морскиот свет, здравица за најлудата ноќ на гробишта во Чиле, се само дел од нестереотипните начини на кои дел од жителите на Планетата ќе ја дочекаат новата 2018 година.
Незаборавна тура во Чернобил
Група ентузијасти од Украина веќе извесно време организираат тури во зоната Чернобил и напуштениот морничав град Припјат, каде што во 1986 година во локалната централа се случи најголемата нуклеарна катастрофа во Европа, чии последиците траеа со децении.
Припјат, во кој пред катастрофата, живееја и работеа околу 30.000 работници во електраните со нивните семејства, и ден денес е напуштен и за секоја посета потребна е посебна дозвола од државата, со задолжително преземање на сите неопходни мерки за заштита од радијација, која и сега ја има.
Токму таму, оваа година, за првпат се организира и прослава на Нова Година во Припјат, а тимот од организацијата „ChernobylWelCom“, успеа да обезбеди 20 ексклузивна дозволи за посета на 31 декември 2017 до 2 февруари наредната година.
Цената на забава оваа Нова Година е 399 евра, а организаторите ветуваат голем број локални специјалитети и добар избор на квалитетна вотка, украсување и осветлување на елка, огномет, возење во „Волга” (порано ексклузивна лимузина на политичкиот врв на Советскиот Сојуз) и посета на радиоактивната зона навечер . Тие исто така ветуваат посебно изненадување.
Топли прегратки во ледено царство
Има и такви кои најлудата и најтоплата ноќ ќе ја минат во леденото царство во Шведска. Секоја година, почнувајќи од 1989, се гради хотел од мраз во село во Арктичкиот круг. Годинава е направен новиот таков објект, наречен „Дваесет и осми хотел од мраз“.
Хотелот е отворен овој месец во Лапонија, а на гостите им нуди сместување во соби и апартмани целосно изградени од мраз. Целиот хотел е украсен со уникатни дела на локални уметници.
Овој хотел има леден бар, церемонијална сала и замрзнато игралиште за деца. На неговата конструкција работеа 36 лица од 17 земји ширум светот.
Гостите имаат на располагање многу топли прекривки и облека , за нивниот престој таму да им биде што поудобен, но треба да се има на ум дека температурата во собите и апартманите е константна и е минус пет степени Целзиусови.
Нова година во дворците во Баварија
Ретко кој не би посакал да ги посети замоците од бајките. Овие прекрасни изданија градени низ вековите, се редовна понуда на туристичките агенции за пречек на Новата година. Меѓу најбараните се дворците во Баварија и замокот на Дракула во Романија.
Ексцентричниот баварски крал Лудвиг Втори го потрошил целото семејно богатство на династијата Вителсбах собирано осум века, за краток временски период градејќи ги дворците од соништата: Ноешванштајн, Линдерхоф, Херенкимзе. Поради нивното градење државата доаѓа до банкрот, а кралот е прогласен за непресметлив и бил затворен.
Дворецот Нојшванштајн бил замислен како одморалиште за Лудвиг Втори,а бил изграден во чест на Рихард Вагнер. Овој дворец е една од најзначајните туристички атракции во Германија, со просечна посетеност од преку 1,3 милиони туристи годишно и со дури 6.000 дневно во летниот период.
Кога ќе се спомне името Дракула, на многумина им минуваат морници по телото. Но, токму овој дворец некои го избираат за пречек на Новата година. Замокот Бран во Романија е изграден во 1313 година, а годишно привлекува околу 500.000 туристи. Приказната за мрачниот замок го инспирирала ирскиот писател Брем Стокер да го напише хорор романот „Дракула“. Романската Влада во 2006 година, одлучила да му додели сопствеништво на замокот на Тосканскиот принц и војвода од Австрија – Доминик Вон Хапсбург, кој по дилемата да го продаде, се одлучил да го создаде денешниот музеј – посветен на темната легенда за Дракула, митовите, интригите историјата и магијата на ова место.
Прослава пет метри под вода
Подводните ресторани се исто така предизвик за љубителите на авантури, но и за оние со малку подлабок џеб. Токму во егзотичниот океански свет, некои ќе го пијат првото шампанско во 2018 година.
Првиот подводен ресторан Ита на Малдивите, веќе 10 години им незаборавно искуство на своите посетители.
Лоциран на длабочина од пет метри, до него се стигнува преку стаклен тунел, во форма на спирални скали со должина од 13 метри.
Храната се подготвена на површината и потоа се доставува до овој угостителски објект.
Рестеранот прима само 14 гости. Ита е редовно наградуван за најдобар ресторан во светот.
Испраќање на старата на гробишта
Покрај овие егзотични, нестереотипни и луксузни места за пречек на Новата година, низ светот постојат и разно разни обичаи кои ги практикуваат на најлудата ноќ.
Така на пример, во Чиле Новата година ја пречекуваат со покојните. Во градот Сантијаго, масово новогодишната ноќ одат на гробиштата, ставаат столици до гробовите и ја чекаат Нова Година со починатите.
Тренд за кој се повеќе се зборува е пречек на Новата година во заглавен лифт, со чаша шампањско.
Нема сомнеж дека луѓето и во иднина ќе смислуваат најразлични начини за прослава на Новата година. Во иднина можеби Земјаните ќе имаат можност да отпатуваат на друга планета или пак, кој да знае, можеби во друга глакасија.