Јапонската градежна фирма „Обајаш” најави дека до 2050 година ќе направи вселенски лифт. Тие тврдат дека новиот лифт ќе биде во можност да се крене и до 96.000 километри над Земјата.
Амбициозниот план опфаќа и роботски автомобили, кои ќе ги превезуваат луѓето до вселенски станици за само мал дел од цената за која би се возеле во орбитата со конвенционални ракети.
Цената за превоз на килограм товар со вселенскиот лифт би била само 200 долари. Лифтот ќе стане реалност благодарение на модерната технологија и замена на челичните кабли, со нановлакна од јаглерод.
Директорот за истражување и развој во оваа фирма вели дека моментално е направена трака во должина од само 3 сантиметри, но се очекува дека до 2030 година ќе имаат многу подолга.
Проектот подразбира и работа на развој на возила, патнички и товарни кабини, кои ќе може да превезуваат и по 30 лица во орбитата на Земјата.
Тие сметаат дека со изградба на овој лифт, би се решиле повеќе глобални проблеми, како што е носење на големи количини Сончева енергија на Земјата, чистење на нуклеарниот отпад во космосот, но би се отвориле и хотели во орбитата, со што би започнала нова ера во вселенскиот туризам.
Е. Г.