Во Музејот на Град Скопје вечер ќе биде отворена изложба на слики од ликовниот уметник Стефан Хаџи-Николов, кој по повод 30 години од своето творештво ќе претстави 17 најнови дела.
– Во сликите на Хаџи-Николов женското тело ја репрезентира идеалната убавина, хедонизмот и прославувањето на животот. Најновите слики, како и претходните, претставуваат апсолутна хипостаза на женското тело и апотеоза на неговата телесна убавина и еротска сензуалност. Тој во своите слики ја обновува идејата за убавината која овозможува препознавање на убавите нешта во уметноста и во природата, најавува организаторот на изложбата.
Хаџи-Николов завршил на Педагошката академија во Скопје, група ликовно воспитување, во 1975 година. Од 1982 до 2012 имал над 50 самостојни изложби во Македонија и во светот. Член е на ДЛУМ од 1984 година. Голем број негови дела се дел од приватни колекции.