Хирурзите тврдат дека роботизираните машини за операции им ја олеснуваат работата, но има и извештаи за несреќи.
Роботот со неколку раце, наречен „Да Винчи“, минатата година е употребен во повеќе од 370.000 операции. Кога на тоа ќе се додадат операциите во други земји, бројката достигнува речиси половина милион, што е трипати повеќе отколку пред четири години.
Но овој раст, исто така, го зголеми и бројот на извештаи за проблеми, вклучувајќи и неколку смртни случаи потенцијално поврзани со овој апарат.
Речиси една четвртина од американските болници имаат барем еден апарат „Да Винчи“ кој се користи за операции на простата, жолчниот меур, цревата, срце, како и за трансплантација на органи.
Хирурзите тврдат дека седењето за командите на роботот пред компјутерскиот монитор многу помалку ги заморува од стоењето во операционата сала. Исто така, роботизираните инструменти не се подложни на затреперување на рацете, истакнува лекарот Пјер Џуиланоти, шеф на одделението за роботизирана хирургија во Универзитетската болница во Илиноис.
Приврзаниците тврдат дека пацинетите можат многу побрзо да заминат на домашно лекување отколку по операција со повеќе резови. некои хирурзи велат дека овој метод е посебно добар за операции кај лица со поголема телесна тежина.
Меѓутоа, некои аналитичари на здравствената политика стравуваат дека оваа популарност повеќе ја поттикнуваат рекламите, отколку убедливите докази дека роботизираната хирургија е подобра за пациентите.
Агенцијата за контрола на храна и лекови отвори истрага поради зголемениот број извештаи за несреќите со роботот „Да Винчи“. Во повеќето од тие случаи пациентите не биле повредени, но имало и неколку со сериозни проблеми.