Миењето заби најмалку два пати дневно и користењето забен конец го намалуваат ризикот од појава на Алцхајмерова болест, покажаа истражувањата.
Британските научници во списанието „Journal of Alzheimer’s Disease“ објавија истражување во кое се наведува дека периоденталните болести го зголемуваат ризикот од појава на Алцхајмерова болест.
Од десет болни од Алцхајмерова болест научниците кај четворица дијагностицирале бактерија Porphyromonas gingivalis, која ги зафаќа непцата и може да предизвика воспаление на мозокот, така што влегува во крвотокот и се сместува во мозокот, оштетувајќи ги нервните клетки.
Земајќи примерок од крв од испитаниците, научниците го измериле нивото на антитела кои се борат против оваа бактерија, и откриле дека кај лицата со зголемени антитела постои девет пати поголем ризик од појава на Алцхајмерова болест.
Porphyromonas gingivalis е честа дентална бактерија која е застапена кај лица постари од 30 години, а предизвикува воспаление на забното месо и коските кои ги држат забите.
Алцхајмеровата болест првпат ја откри во 1906 година Алојс Алцхајмер, кој утврдил дека оваа болест ги погодува лицата постари од 65 години оштетувајќи им го мозочното ткиво, предизвикувајќи заборавеност.
Се претпоставува дека во светот има над 30 милиони заболени од Алцхајмер.