Музичката продукциска куќа „Баланс“ прославува 17 години
Вечерва, во летниот ноќен клуб Сектор по повод 17 години од постењето на музичката продукциска куќа „Баланс“ организаторите најавуваат голема полноќна забава. Познатите диџеи Самоил Радински, Александар Мискоски, Маци, Оги и Томи Бојаџи ќе ја дообојат оваа вечер со своите диџеј сетови.
Промотерската куќа „Баланс“ е формирана уште во 1999 година под палката на Огнен Узуновски – Оги заедно со Самоил Радински, Иван Тодоровски и Смилен Димитров. Со самото тоа, оваа група поклоници на современиот електро бит почнаа да исцртуваат нови линии на македонската електронска сцена. Првата забава на „Баланс“ се случи во 2000 година со настапот на реномираниот детроитски диџеј Дерик Меј.
„Настанот се случи во Охрид на 15 јули добро се сеќавам, не не интересираше ништо освен да успееме да направиме одлична забава и нема да се стеснам да кажам дека за мене ова беше најдоброто нешто што му се случи на Баланс.
Публиката беше повеќе од возбудена. Незаборавен диџеј сет, кој ни влеа доверба да продолжиме понатаму. Понатаму, во наша организација се случија уште многу други големи забави со Кевин Сандерсон, Лорен Гарние, Стејси Пулен, Фанк Д’воид, Александар Роботник, Суботика, Диџеј Боун, Кристиан Смит, Теренс Паркер, Џин Фарис и многу други…“ се сеќава Узуновски. Наедно, Баланс ја издаде на македонски и книгата на Лорен Гарние во 2007 година, која говори за севкупата светска електронска сцена изминативе 30 години.
Несомнено, продукциската куќа Баланс ќе остане забележана во македонската музичка историја, бидејќи Баланс беше предзнак за многу успешни проекти кои досега се реализираа.
„Баланс е нешто најпозитивно што ми се има случено во животот, затоа што ми го покажа вистинскиот пат и ми исполни дури и некои желби, кои тогаш сум мислел дека се невозможни“ вели Оги.