Три до четири недели по раѓањето пожелно е родителите постепено да ги стимулираат мускулите на бебето, со цел да го поттикнат неговиот развој.
По првиот месец, кога е будно, би требало два до три пати дневно бебето да се сврти на стомакот. Оваа вежба ќе му помогне да ги зајакне мускулите на вратот, од што зависи способноста за исправено држење на главата.
Од третиот месец па натаму, помогнете му на бебето да ги зајакне грбните мускули: фатете го за раце и влечете го кон себе, додека да дојде во седечка позиција. Повторете ја вежбата неколку пати.
Од петтиот месец за да го стимулирате исправеното држење на главата, земете го бебето во раце и брзо чекорете или движете се со танцување.
Околу седмиот или осмиот месец, можете да ги зајакнете мускулите на нозете на бебето, со тоа што ќе го ставите да стои на вашите колена, ќе го фатите под пазувите и полека ќе го кревате и спуштате како да скока.
Од десеттиот месец, за да го стимулирате бебето само да стане, оттргнете се половина метар од него, пружете ги рацете кон него и викнете го да дојде до вас за да го прегрнете, пуштајќи го, доколку е подготвено само да стане.