Со традиционалниот маскенбал кој синоќа се одржа во хотелот „Сириус“ свечено беше отворено годинашното издание на карневалот во Струмица.
До раните утрински часови струмичани уживаа во забавата под маски презентирајќи ги најновите креации, а кои ги подготвуваа со месеци.
Гоце и Васка Терзиеви, брачен пар од Струмица, се избрани за принц и принцеза на маскенбалот. Тие вечерва ќе го предводат главното карневалско интернационално дефиле кое ќе стартува во 18,30 часот.
Според организациониот одбор на карневалот и вечерва се очекува богата и разновидна понуда на маски од домаќините, но и од големиот број гости од странство, односно 22 карневалски групи од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Турција ќе бидат дел од главната карневалска поворка по улиците на Струмица.