Фолксваген денеска соопшти дека компанијата не е против обновата на нејзините постари дизел возила со цел да ги направи еколошки поприфатливи, но германскиот автомобилски гигант потенцираше дека не може сама да плати за толку обемен зафат. Изјавата на директорот на Фолксваен Матиас Мулер доаѓа во екот на глобалната кампања против дизел возилата, додека повеќе европски градови најавуваат дека ќе забранат нивно движење по улиците.
– Не сакам да кажам дека ја отфрламе опцијата за осовременување на возилата, изјави Мулер, но предупреди дека техничките измени на дизел возилата може да чинат од 1.500 до 7.000 евра по автомобил, а дека изнаоѓањето на потребните технолошки решенија може да трае до две години. Мулер воедно предупреди дека по осовроменувањето, овие возила може да трошат повеќе гориво и да испуштаат повеќе јаглерод диоксид.
Еколошките организации ги обвинуваат дизел моторите за испуштање на азот оксиди, кои сериозно придонесуваат кон аерозагадувањето. Од друга страна, дизел моторите испуштаат помалку јаглерод диоксид, кој не е штетен за луѓето, но екологистите го напаѓаат поради тоа што го предизвикува глобалното затоплување. Од 15 милиони дизел возила во Германија, само 2,7 милиони ги исполнуваат најновите Еуро – 6 стандарди за издувните гасови. Модернизирањето на преостанатите возила може да чини над 10 милијарди евра.
– Моравме да платиме 25 милијарди долари во Америка, не можеме да платиме уште 17 милијарди долари. Тоа едноставно не е возможно, изјави Мулер, чија компанија беше принудена да плати за манипулирањето со софтверот на своите возила во САД со цел да прикажат дека испуштаат помалку издувни гасови.