Си-Ен-Ен – Атланта
Владата на Финска има амбициозна цел, таа земја да ја направи земја без чад од цигари и тоа до 2040 година.
Надлежните планираат до таа година производите на база на тутун (цигари, лулиња, па дури и е-цигарите) да ги користат помалку од 2 отсто од возрасното население.
Бројот на пушачите во Финска константно се намалува во изминатите години. На пример, во 2013 година пушеле 16 отсто луѓе на возраст од 15 до 64 години, но сега стапија на сила нови мерки.
„Финскиот пристап е револуционерен” – смета Кари Пасо, човек кој се наоѓа на чело на единицата за борба против пушењето во тамошното Министерство за здравје.
„Сите сакаме да се ослободиме од тутунските производи”.
Експертите се согласуваат дека Финска употребила интересен иновативен и креативен пристап за решавање на овој проблем. На пример, наместо да се бори на само еден фронт, пушењето го гледаат од повеќе агли.
Финска не почна да ги промовира е-цигарите или никотинските фластери како средство за одвикнување од пушењето.
„Не сакаме да паднеме во стапица на производи кои се претставуваат како помало зло во однос на цигарите” – вели Пасо и додава дека тие производи само создаваат нови зависници.
Зголемување на цените на цигарите
Експертите се согласуваат дека еден од најдобрите начини за намалување на бројот на пушачите е токму воведување на дополнителни даноци. Лицата кои не можат да купат цигари нема да пушат, а тие кои пушат ќе донесуваат пари кои ќе се користат за кампањи и систем за поддршка на луѓето кои сакаат да се откажат од цигарите.
Тоа воедно е и еден од најефикасните начини да се намали побарувачката за цигарите. Доказ е Њујорк чиј градоначалник во 2010 година воведе посебен градски данок на цигарите. Благодарение на тоа, само 14 отсто Њујорчани останаа да пушат во 2016 година.
Исто така, Финска воведе уште една финансиска бариера: ги зголеми трошоците на малопродажните продавници кои продаваат цигари.
„Тие кои сакаат да добијат лиценца и да продаваат цигари мора да платат висока цена” – вели Пасо. Прво мора да се пријави за лиценца и да ја плати, а потоа годишно да ги плаќа и трошоците за излегување на инспекторите на терен, чија задача е да ја проверува примената на правилата. Годишно само тој трошок може да чини до 500 евра.
Општините се задолжени за формирање на цените, но повеќето се одлучија за најскапата варијанта. Така еден ланец од десет продавници мора да плати околу 5.000 евра годишно за контрола, па уште и пари за лиценца.
Без пушење на балкон и во автомобил
Во Финска оваа година луѓето повеќе не можат да пушат на тераса, ниту во автомобил (во случај ако внатре се наоѓа лице помладо од 15 години), што значи дека забраната од јавните површини се сели во приватниот простор.
Сепак, клучот е во превенцијата и Финска планира да ги спречи тинејџерите воопшто да почнат да пушат. Затоа во Финска нема да има ни производи кои имитираат тутун и цигари, па дури ни чоколатцата во форма на лулиња или цигари ќе бидат достапни само под посебни услови.
Жестоките рестрикции се однесуваат и на индустријата на електронските цигари, кои повеќе не можат да се продаваат на малолетници, ниту течноста за нив смее да има кој било друг вкус освен вкусот на тутунот.
Финска не е сама во своите настојувања. Во Австралија, во која една кутија цигари е многу скапа, бројот на пушачите од 2011 до 2014 година се намалил од 16 на 14,7 отсто.
На другиот крај на спектарот е Кина, во која во последните години бројот на пушачите се зголемува, како и болестите кои се поврзуваат со пушењето.
Светската здравствена организација има за цел бројот на пушачите да се намали за 30 отсто во светот, надевајќи се дека така ќе го намали и бројот на случаите заболени од рак, како и срцевите и мозочните удари.