Елена Пренџова ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда”

Од:

Поетската книга „Живот под ѕвездите” од Елена Пренџова од Скопје ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ на конкурсот за ново авангардно книжевно творештво што го распиша Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент”.

На конкурсот пристигнале 33 ракописи, од кои најголем број биле поетски книги и збирки со раскази и драми, а помалку романи и  книги со критики и есеи. Нив ги разгледал селекторот Христо Петрески, кој ракописот на Пренџова го избрал за најдобар. Тој ќе биде отпечатен во почетокот на наредната година и промовиран во април  на саемот на книгата во Скопје. Тогаш на Пренџова ќе и биде врачена и наградата „Македонска книжевна авангарда”.

Нејзиниот поетски ракопис „Живот под ѕвездите” содржи  53 песни, поделени во два циклуса: „Урбанки” и „Наивки”. – Станува збор за урбана, сигналистичка поезија, која е специфична и оригинална и според тематско-мотивската носивост и содржина, но и според необичниот графички и визуелен  изглед на песните, информира „Македонија презент“.

Во најтесен избор за наградата биле и Марина Мијаковска со ракописот „Жанровски полимер (сандаче од ракописи во обид)” и Ратка Шоклеска со ракописот „Така родена”.

Би можело да ве интересира

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери