Доделување на меѓународната книжевна награда „Табернакул“

Од:

Издавачката куќа „Табернакул“ вечер првпат ќе ја додели меѓународната книжевна награда „Табернакул“, чии први  лауреати (за 2012) се писателите Милан Кундера и Љубивоје Ршумовиќ.

На врачувањето во хотел „Александар палас“ ќе присуствува српскиот автор Ршумовиќ, а на Кундера наградата ќе му биде пратена во Париз, каде што живее 83-годишниот чешки писател. Авторот, како што соопштија од „Табернакул“, повеќе од една деценија не патува со авион, но бил многу задоволен од признанието.

Избраните добитници стануваат и членови на Книжевната академија Табернакул и им се придружуваат на првите тројца членови Ферид Мухиќ, Горан Стефановски и Венко Андоновски. Тие и ги избраа Кундера и Ршумовиќ кои, пак, како членови на Академијата во иднина ќе учествуваат во изборот на новите лауреати.

Наградата ја симболизира скулптура, дело на вајарот Горан Стаменков, а се состои од паричен износ од 5.000 евра и објавување досега необјавено дело на македонски јазик од наградениот автор. Од Кундера ќе бидат промовирани книгите есеи „Завеса“ и „Средба“, а од Ршумовиќ – препеаниот „Буквар на детски права“.

Цветан Враживирски од „Табернакул“ на прес-конференција пред два месеца соопшти дека мотивот да востановат ваква награда е да се зачуваат вредностите наспроти „естрадата во издаваштвото“ и „амбиентот на повеќе пишувачи од писатели“.

Од Кундера (1929), кој скоро две децении пишува на француски јазик, досега на македонски се објавени шест романи, меѓу кои најпознатите „Шега“, „Неподнослива леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“.  Ршумовиќ (1939) е пред се поет  и автор на десетици книги за деца. Одлика на неговите песни е музикалноста и звучноста.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје