Летото за многумина е синоним за долг и безгрижен одмор. Во многу семејства последниот ден од училиштето е денот кој се чека со месеци, бидејќи неколку дена подоцна се пакуваат куферите, во кои се става облека за цело лето и детето заминува кај бабите и дедовците или кај некои други личности од доверба, најчесто на село или на море, каде ќе го помине целото лето или еден негов дел.
Оние, кои имаат можност за тоа, истото го прават и со децата од претшколска возраст, бидејќи често пати малите деца тешко го поднесуваат престојот во градинка во период кога има малку деца. Некои деца се среќни поради тоа, но има и такви кои тешко го поднесуваат одвојувањето од родителите и потребно им е подолго време за да се адаптираат.
– Доколку детето се подготвува прв пат на некое подолго време да се одвои од родителите би било добро кога тоа одвојување се случува постепено на начин на кој малку по малку се зголемуваат интервалите на неговата одвоеност од родителите, а не веднаш да се остави на подолго време, советува Теа Кнежевиќ, српски психолог и член на психолошкиот тим Провентус.
Таа предупредува дека тоа одвојување треба внимателно да се подготви и да не се реагира набрзина и целосно да не се занемарат желбите на детето.
Секое одвојување на детето од родителите е важно да се најави и подготви. Во зависност од возраста на детето на соодветен начин треба да мусе објасни колку долго ќе биде одвоено од родителите и на кој начин ќе може да комуницира со нив.
Мошне важно е родителите да го почитуваат тој договор со детето и да му дадат до знаење дека иако нема да бидат со него, секогаш ќе може да смета на нив.
Некои носат со себе омилени играчки за да имаат со себе нешто блиско, но добро е да се поработи на тоа на новото место да се вклучат и нови начини на смирување. На пример бабата и дедото или друга блиска личност, која ќе се грижи за детето можат заедно со омилената приспивна песна или приказна да додадат и некоја своја навика, на пример навечер заедно да пијат какао.
Доколку детето е тажно, важно е да се утеши, да се сослуша, да се покаже разбирање со него. И според Кнежевиќ во никој случај не треба да се зборуваат реченици како што се „Ма ајде ти си веќе големо момче или големо девојче, не ти требаат мама и тато“ или „Како не ти е срам да плачеш по мама и тато“.
Со тие реченици не се постигнува никаков позитивен ефект, туку детето се чувствува уште понесреќно, бидејќи со тоа се негира неговото право на чувство на тага и правото да му недостасуваат родителите.
На детето исто така не треба да мусе даваат лажни ветувања, на пример дека мама и тато ќе дојдат утре. Иако тоа можеби привремено ќе го смири детето, со тоа долгорочно се нанесува штета и е создава недоверба во односот со детето.