Индекс – Загреб
Како и секоја година, Евровизија и годинава успеа да ги вознемири духовите, но како што тоа инаку бива, не се работи за незадоволство од пласманот, туку сето тоа брзо се претвори и во политички скандал, а се појавија и многу теории на заговори.
Оваа година посебно внимание во медиумите привлече приказната за победата на Украина и реакциите кои таа ги предизвика на руска страна, чиј натпреварувач Сергеј Лазарев во текот на фестивалот се сметаше за фаворит, што на крај се покажа точно, но благодарение на специфичниот систем на бодување, првото место не и припадна ни на Австралија (која цела вечер водеше според бројот на бодовите од жирито), но ниту на Русите кои доминираа кај публиката.
Накусо, новиот систем на бодување збуни дел од гледачите, а другиот дел не се ни трудеше да го сфати, па едноставно уживаа во наглите пресврти кои се случија во последните минути на шоуто.
Секако, руските медиуми веруваат дека Лазарев е оштетен со гласањето, а веќе се разгледува и идејата Русите идната година во Украина да испратат воена песна. Дополнителен проблем предизвикува и фактот дека дел од руските уметници нема да можат да одат во Украина поради забрана.
Блоковско гласање?
Како што е добро познато, Евровизија од секогаш имала три силни гласачки блока: југоистокот на Европа (земјите на поранешна Југославија), источна Европа (поранешниот Советски сојуз и сателитските држави) и северна Европа (нордиските земји од кои во финалето заврши само Шведска).
Поради тоа, многу е јасно дека заедничкиот јазик, политичкото минато и географската положба понекогаш имаат големо влијание на резултатот отколку самата песна, но дали Украинците искористија од тоа?
Во текот на последните 10 години, Украина најмногу гласови добиваше од Белорусија, Молдавија и Азербејџан, но оваа година најголем број гласови од земјите доби Русија, но им беа склони и земјите од северниот блок. И додека руското и украинското жири не си дадоа бодови, гласачите од двете земји меѓусебно си поделија високи 10 и 12 поени.
Значи, освен ако не се работи за местење на резултатите, а тоа уште никој не го докажал, победата на Украина е легитимна.
Политичка победа?
На секој кој ова го гледа од страна ќе му биде апсолутно нејасно зошто кој било би кревал толкава прашина околу најобичен музички натпревар, но кога ќе ги погледнете руските медиуми, би помислиле дека се работи за сериозен пропуст кој сериозно ја оштети Русија и создаде потенцијално опасна атмосфера.
Дури, истакнуваат дека Русија е оштетена и дека се работи за „политичка победа‟. Дополнителна сол на рана е фактот дека украинската пејачка Џамала победи со песна во која го пее искуството на нејзината баба, поточно ја опишува депортацијата на кримските Татари од страна на советските власти во текот на Втората светска војна, а многумина во тоа ги препознаа референци на руската анексија на Крим во 2014 година.
Се вклучија дури и руските власти.
– Не победи украинската пејачка Џамала и нејзината песна, туку победи политиката. Политиката ја победи уметноста, рече за новинарите рускиот сенатор Франц Клинцевич, додавајќи дека Русија идната година не треба да оди на Евровизија, а некои дури одат и толку далеку што тврдат дека победата на Евросонг може „да го зацврсти прозападното украинско водство и дополнително да ги загрози мировните преговори на истокот‟.
Таблоидот „Комсомолскаја Правда“ објави натпис за „кражба на победата‟ и побараа повторно да се прегледаат гласовите и предупредија дека хомосексуалците нема да имаат топол дочек во Украина.
Само добра деловна стратегија?
И некои во ова ќе препознаат желба на организаторот на се да даде политичка нота, за да се зголеми гледаноста, но тоа не е нужен случај.
Секако, кога состојбата вака ќе зоврие, тоа создава здрави тензии и се работи за одлична реклама за шоу кое секоја година го гледаат над 200 милиони гледачи. Дури, тој број може да се зголеми бидејќи Евровизија оваа година ја гледаа и Американците што го објаснува гостувањето на Џастин Тимберлејк.
Но, грешат тие кои сметаат дека политизирањето на песните е добредојдено.
Имено, во 2009 година, по само една година од кратката војна која се водеше меѓу Русија и Грузија, Евровизја на Грузија и даде две опции, да го промени текстот на песната која очигледно алудираше на Владимир Путин или да изберат друга песна. Грузија кратко негодуваше, но на крај се одлучи да не настапи таа година.
Тоа ги израдува Русите.
Ерменците лани мораа да го сменат насловот на песната која се бавеше со тема на турскиот масакр над Ерменците, а слична судбина доживеаја и Шпанците во 2008 и Португалците во 2010 година.
Но, дали сепак постои проблем?
Сепак, Русите не се осамени, а мислењето дека песната е претерано исполитизирана го делат и тие кои веќе долго го следат овој фестивал.
– Многу луѓе се восхитуваат на нејзиниот моќен глас и визуелно импресивниот настап, но постојат многу луѓе кои сметаат дека победи само поради силната политичка порака, а не поради квалитетот на песната, вели Аласдаир Рендал, претседател на британскиот клубот на фанови на Евровизија ОГАЕ УК. Некои повлекоа паралела и се прашаа зошто Ерменците морале да го менуваат насловот, а Украинците не.
Eвровизија на прашањето одговори преку Твитер потенцирајќи: „Одлучено е дека насловот и текстот на песната не содржат политички говор ниту ги крши правилата на Евровизија‟.
Како и да било, социјалните мрежи експлодираа по победата на Украина, а многу коментари се однесуваа токму на лицемерието на организацијата која не дозволува политика, освен ако критиката не е насочена против Русија (што како и што напишавме, сепак не е точно), а други пак препорачаа дека најдобро би било да не се знае кој кого претставува се до крајот.
Во секој случај, идната година ќе има уште повеќе фанови, а подготовките за натпреварот во Украина очигледно веќе се почнати.