Целерот е растение кое многу наликува на магдоносот со таа разлика што растението на целерот расте повисоко, листовите му се поголеми, и може да формира топчест корен.
Во минатото целерот се одгледувал само за есен и рана пролет, додека денес може да се набави (по пазарите и маркетите) цела година.
Целерот содржи огромно количества на витамини и минерали и тоа во сите негови делови, и лисјата и стеблото и коренот. Листовите на целерот се богати со витамин C и каротин, а коренот содржи калиум, калциум, фосфор. Во сите делови на целерот постои никотиновата и глутаминовата киселина и мало количество шеќер.
Стеблото содржи големо количество разни соли и токму затоа се препорачува да се пие сок од него. Присуството на органската глутаминска киселина, го прави целерот широко да се применува во кулинарството како корисен засилувач на вкусот и мирисот.
Целерот може да се консумира во секаква форма. Може да се јаде свеж, варен во супи, варива, може да се похува, да се пржи.
Може да се залева со кисело млеко или јогурт, одличен е потпечен со павлака и сирење. Секако, најполезен е свеж. Најценет дел од целерот се крцкавите стебленца и топчестиот корен. Листовите и семето се употребуваат како зачини.