Брзиот раст во првите четири недели од животот е поврзан со благо покачување на интелигенцијата на возраст од шест и пол години.
Децата, кои побрзо добиле на тежина и на растот на обемот на главата во првиот месец од животот го решиле тестот за интелигенција на возраст од околу шест и пол години подобро од другите деца. Меѓутоа раниот развој на детето не влијаел врз неговото однесување во подоцнежниот период од животот.
– Откривме дека брзиот раст во првите четири недели од животот е поврзан со благо зголемување на коефициентот на интелигенција на возраст од шест и пол години, но не и дека има некаква поврзаност со однесувањето на детето, изјави лидерот на истражувањето Лиса Смитерс од Универзитетот во Аделаида, во Австралија.
Таа додаде дека истражувањето сугерира на тоа колку е важно што е можно повбрзо да се побара помош, доколку постои каква било загриженост околу растот на детето или хранењето, со цел проблемот брзо и рано да се реши.
– Меѓутоа не можеме со сигурност да кажеме дека брзиот раст доведува до повисок коефициент на интелигенција. Можно е да станува збор за феноменот на обратна каузалност, односно дека децата со понизок коефициент на интелигенција побавно растат, додаде таа.
Истражувањето е спроведено на 17 илјади мајки и нивните деца од Белорусија. Учествувале само мајки, кои на едно породување родиле едно, здраво дете, по барем 37 недели бременост. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Педиатрикс“.
Децата се мерени во текот на првите четири недели од животот, а интелигенцијата е тестирана со помош повеќе скали за коефициент на интелигенција, кои комбинирано дале коефициент меѓу 50 и 150. Просекот бил 100. Однесувањето го оценувале родителите и наставниците со пополнување прашалник. Бебињата, кои имале поголем раст во тежината и во опсегот на главата, просечно имале повисок коефициент на интелигенција за 1,5.