Новото истражување на Универзитетот Источна Англија во Велика Британија покажало дека брокулата може да го спречи, односно значително да го забави најчестиот облик на артритис.
Истражувачите откриле дека сулфорафанот, соединение кое се наоѓа во брокулата, делува против уништувањето на ’рскавицата во зглобовите, а со тоа и против дегенеративните болести на рацете, нозете, колената и ’рбетот.
Резултатите од ова истражување, кое е извршено врз глувци, се многу ветувачки и доколку се утврди дека е релевантно и за луѓето, тоа ќе биде важно за наоѓање на поадекватна заштита на човечките зглобови.
Повеќе од 8,5 милиони луѓе во Велика Британија имаат остеоартритис, а годишно во Англија и Велс се извршуваат 140.000 операции за замена на колкови. Оваа болест најчесто ги погодува луѓето на возраст над 50 години, а моментно не постои лек за неа.
Раководителот на истражувањето Ален Силмен истакнува дека оваа интересна студија сугерира дека зеленчукот, поточно брокулите, може да биде корисно за здравјето на лицата кои боледуваат од остеоартритис.
Брокулата е богата со диетални влакна, минерали, антиоксиданси и витамините А и Ц.