Градот Охрид и ова лето почетокот на главната туристичка сезона ќе го одбележи со манифестацијата „Бела ноќ“, со бројни музички и забавни содржини и настани и богата забавна програма до раните утрински часови.
„Белата ноќ“ ќе се случи на 14 јули, а официјалниот почеток на забавата е од 18 часот на Градскиот плоштад со настап на ди-џеј Гец и локални ди-џеи до 21 часот кога пред гостите во Охрид ќе се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.
Потоа следува уште еден музички блок, за забавата да продолжи со концертот на Масимо Савиќ на Античкиот театар што ќе биде пренесуван директно на видео-бим и на Градскиот плоштад.
По концертот на Масимо ќе продолжи забавата на главната бина со ди-џеј Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на ди-џеј Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар ди-џејот Tomcraft, додека забавата ќе ја заокружи ди-џејот Regie Rules.
За цело време на „Белата ноќ“ низ градот ќе настапуваат и уметниците од годинешниот Баскер-фест. Атракција во текот на целата вечер ќе биде главата бина која ќе биде поставена на брод на Охридското Езеро, на која ќе има и голем видео-бим и соодветно озвучување.
Украсен ќе биде и градот, патеката што води од Плоштадот до Античкиот театар ќе биде одбележана со бели ленти, како и соодветен промотивен материјал.
Манифестацијата „Бела ноќ“ е осмислена со цел градот да пулсира со живее со забава, со отворени објекти во текот на целата ноќ и соодветени намалени цени на услугите. Од Општина Охрид патуваат апел до граѓаните за разбирање, особено оние кои живеат во стариот дел на градот.
– Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, градот да живее во еден здив и со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува епитетот најголем туристички центар во државата и многу подалеку, порачуваат од локалната самоуправа.