Британските туроператори ги отфрлаат извештаите во лондонските медиуми дека Британците ја одбегнуваат Грција за одмор, поради длабоката финанска и должничка криза.
Специјализираната агенција „Респонсибал травел“ соопшти дека растат резервациите за Грција, по постигнатиот договор во последен момент меѓу Владата во Атина и земјите од еврозната, како и дека оваа медитеранска земја и натаму останува осмата најпродавана туристичка дестинација во Велика Британија.
Според направената анкета меѓу туроператорите, 49 отсто од нив се уверени во успешното продавање на аранжманите за Грција ова лето, што се објаснува и со ситуацијата по крвавиот терористички напад во тунискиот град Сус, каде најголемиот број од жрвите беа британски туристи и со се уште несигурната безбедносна состојба во Египет.
Забележителен пораст на интересот за грчките летувалишта е регистриран во последниве две недели, па „Респонсибал травел“ ја критикува британската Влада за нејзиното, како што се вели, одвраќање на домашните туристи да одат на одмор во Грција. Агенцијата го осудува и пишувањето на дел од лондонските весници кои се обвинуваат за ширење „лажни вести“ кога станува збор за положбата на странските туристи во оваа земја.
Владата во Лондон, пред две недели најави дека има изработено план за извлекување на британските туристи од Грција, доколку дојде до финансиски колапс на земјата, банките останат без пари, а хотелите и трговијата без потребното снабдување.
Таквото соопштение сега се оквалификува како повик до Британците да не заминуваат на одмор во Грција, за да не се најдат во ситуација да не може да се вратат дома.
Извршниот директор на „Респонсибал травел„ Џастин Френсис, по тој повод изјави дека најдобрата работа што сега може да се направи за да им се помогне на Грците да се извлечат од тешката криза е да се продолжи со патувањето во оваа земја.
– Веројатно, никогаш досега, странските туристи не биле толку многу добредојдени во земјата, како што е тоа сега, вели Френсис.
Грчкиот партнер на британската агенција „Респонсибал травел„ групата „Аркас травел“ ги отфрла пишувањата на лондонските весници, објаснувајќи дека нема регистрирано никаков инцидент со странски туристо, поврзано со снабдувањето или со некоја друга услуга наменета за странските гости.
Генералниот директор на „Аркас травел“, Христос Панагиотопулос вели дека „Грците ова лето разбираат оти странските туристи им се потребни повеќе од кога било досега“.