Еден Британец, кој сака да остане анонимен, откри дека се обложил на шкотскиот референдум и добил нешто над еден милион фунти.
Овој пасиониран обложувач, вложил дури 900.000 фунти на унионистите, кои водеа кампања против отцепувањето на Шкотска од Велика Британија.
На референдумот од минатиот четврток, победија унионистите, па обложувалницата „Вилијам Хил, му исплатила чек на износ од 1.093.330 фунти. Тој самиот признава дека иако примил милионска награда, вистинската заработувачка изнесува малку под 200 илјади фунти, што и натаму е мошне висок износ, особено кога станува збор за ваков вид обложување.
Човекот признава дека е „запален унионист“, но и тоа дека евентуалната победа на сепаратистите на референдумот, не само што ќе значеше растурање на Обединетото Кралство, туку за него и тешка финансиска загуба, која вели дека ќе му создадела сериозни проблеми.
– Немаше да ја загубам куќата во која живеам со сопругата и семејството, но понатаму ќе ми беше мошне тешко, признава овој облажувач.
Тој тврди дека, сепак, не мислел оти премногу ризикува.
Како човек кој има изградено финансиска кариера, изработил детална и прецизна стртегија како да не го загуби огромниот влог.
Ги читал сите новински написи и ги следел сите резултатите од испитувањето на јавното мислење во Шкотска. Утврдил дека од 85 направени анкети, во ниту една сепаратистите не беа во преднист, освен само еднаш во истражувањето на „Сандеј Тајмс“. Тој уредно ги гледал и сите странски искуства, како и историскте случувања во врска со референдуми за независност, посебно оној во Квебек. Забележал дека и таму, како и во случајот со Шкотска, сепаратистите биле потиснувани во втор план.
– Не можам да речам дека ниту еднаш не ме фати нервоза, но секогаш тоа траеше кртко, па во ноќта кога се броеја гласовите, отидов да спијам уште пред полноќ, вели овој обложувач, задоволен што кога се разбудил бил побогат, а Велика Британија остана цела и обединета.