Приватните авиони станаа главно средство за бегство за богатите од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. По нападите насочени кон луксузни хотели и Меѓународниот аеродром во Дубаи, клучен авијациски центар за Обединетите Арапски Емирати, компаниите за приватни авиони беа преоптоварени од побарувачката и покрај вртоглавото зголемување на цените. Иако сите комерцијални летови беа приземјени за време на викендот, а услугите беа обновени само до ограничен степен, оние со доволно длабок џеб не мораа да чекаат, пишува Euronews Green.
Поради прекинот на летовите, илјадници луѓе останаа заробени во Дубаи. Многумина, плашејќи се за сопствената безбедност, се обидоа да избегаат со четиричасовно возење до Мускат, Оман, а некои се впуштија во десетчасовно патување до Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Но, повеќето комерцијални летови од Мускат до Европа беа целосно резервирани до крајот на неделата, оставајќи ги патниците со само две опции: да останат таму и да се надеваат на најдоброто или да изнајмат приватен авион. Поради огромната побарувачка, цените на чартер летовите нагло скокнаа, па супер богатите платија и до 200.000 евра за да избегаат од градот и околните региони.
Меѓу оние што го напуштија регионот се фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо, чиј приватен авион полета од Саудиска Арабија во понеделник вечерта, и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето, кој се врати дома со своето семејство со воен авион.
Тајрон Скот од британската хуманитарна организација „Вор он вант“, која се бори против сиромаштијата, за „Еуроњуз Грин“ изјави дека масовната употреба на приватни авиони открива „очигледна глобална нееднаквост“.
„Кога ќе се случи криза, најбогатите во светот буквално можат да летаат низ хаосот, додека милиони други остануваат заробени во конфликтни зони или се соочуваат со затворени и силно чувани граници“, рече тој.
Дубаи долго време е игралиште за богатите, привлекувајќи ги со својот сјај, гламур и без данок на доход. Сепак, оваа привлечност, дополнително засилена од влијателните лица на социјалните мрежи, е изградена на грбот на работниците мигранти кои, според организациите за човекови права, се соочуваат со систематска експлоатација.
Непрофитната организација „ФерСквер“ откри во 2023 година дека работниците мигранти на градилиштето на конференцијата COP28 во Дубаи биле принудени да работат на отворено во екстремна топлина, што „претставувало сериозна закана за нивното здравје и можело да биде фатално“. Истрагата од 2024 година, исто така, предупреди дека ниско платените работници мигранти во ОАЕ биле непропорционално погодени од долготрајната епидемија на денга по катастрофалните пролетни поплави. За овие работници, кои се столбот на импресивниот хоризонт на Дубаи, бегањето од конфликтот не е опција.
„Нееднаквоста во срцето на оваа приказна е исто така коренот на климатската криза“, вели Хана Лоренс, портпаролка на Stay Grounded.
