Дали сте слушнале за поимот „бел шум“. Доколку не сте слушнале, а сте новопечен родител, чие бебе не спие со ноќи време е за мал безопасен експеримент во форма на снимка на звук, која дејствува како природно средство за смирување врз вашето дете.
Иако за немирниот детски сон, проследен со плачење, можат да се најдат голем број причини како грчеви, мокри пелени или глад, понекогаш и кога е се под контрола, бебето едноставно не сака да спие.
Но истражувањата покажаа дека децата мошне силно реагираат на звуците, што може значително да влијае врз нивното расположение дури и во сон.
Токму поради тоа на Интернет станаа достапни голем број снимки на т.н. „бел шум“, кој судејќи според искуствата на голем број мајки и татковци, дејствува како природно средство за смирување.
Белиот шум наликува на шумолење на листови или брмчење на мотори и содржи мешавина на сите еднакво распоредени звучни фреквенции. Овој звук служи за блокирање, односно за неутрализирање на несаканите заднински звуци. Можеби сте забележале или сте слушнале од другите мајки дека бебето се смирува на звукот, кој го создава фенот за коса, правосмукалката или машината за перење алишта. Станува збор за звуци, односно еднолични бели шумови, кои се мошне слични на оние, кои бебето ги слуша во мајчината утроба, а кои со самото тоа го смируваат и опуштаат.
Сличен ефект имаат и звуците од природата како тие што ги испуштаат делфините и китовите, црцорењето на птиците или жуборењето на брановите или водопадите.