Постарите татковци имаат поголема шанса да добијат аутистични внуци отколку оние кои ќе се одлучат да имаат деца во помлади години, покажува најново истражување.
Генетските грешки кои го покренуваат аутизмот се вообичаени во случаите на постари татковци, а можат да се пренесат и на идни генерации, соопшти тим научници.
Мажите кои стануваат татковци по 50-та година од животот имаат поголеми шанси од 67 до 79 проценти во иднина да добијат аутистични внуци, многу повеќе од мажите кои се одлучуваат да станат татковци во раните 20-ти години.
Според истражувањето е утврдено дека ризикот од аутизам за потомците во иднина кумулативно се зголемува низ генерации.
Експерти од Шведска, Англија и Австралија своите заклучоци ги изведоа по следењето на семејните стебла на 360.000 Швеѓани, меѓу кои имало и 6.000 аутистични лица.
Ема Франс, вклучена во истражувањето и главен автор на студијата на Каролинск Институтот во Стокхолм рече дека научниците знаеле дека старото татковство е поврзано со појавата на аутизам, но оти сега дошле до нови сознанија кои покажуваат дека ризикот се зголемува и во текот на генерациите.
Тие особено истакнаа дека со ова истражување по првпат е утврдено и тоа дека животниот стил и некои избори на татковците и дедовците директно влијаат на потомството.
– Тоа секако не значи дека не треба да имате деца доколку сте се родиле кога вашиот татко бил стар, бидејќи иако ризикот се зголемил, секогаш е доволно мал за да не може да се смета за дефинитивно одредувачки за појава на болеста, соопштија научниците.
Во една студија која е објавена во август минатата година на Исланд, забележано е дека децата на повозрасните татковци биле под двојно поголем ризик кај нив да се појави некој вид генетски мутации кои можат да бидат причинители на аутизам и шизофренија.
Според прифатената дефиниција, аутизмот е „сложено пореметување во развојот на мозокот, кој го карактеризира слаба или никаква социјална интеракција и комуникација и ограничени и повторувачки обрасци во однесувањето“.