Материјалната благосостојба очигледно не носи радост и задоволство на децата, покажа една меѓународна студија, спроведена во 15 земји по која, како што пренесува политичкиот магазин „Шпигел“, децата во Романија се најзадоволни, додека малите Германци се наоѓаат на деветото место.
Студијата спроведена меѓу децата на возраст од 10 до 12 години, покажа дека на второ место се наоѓаат малите Колумбијци, на трето Турците, додека како најнезадовлни се наведени тинејџерите во Јужна Кореја.
Научниците во студијата под наслов „Children’s World“ вкупно испитале 36.000 деца во текот на две години.Од резултати не е изненаден училишниот психолог од Берлин, Клаус Зајфрид кој наведе дека децата во земјите на благосостојба повеќе бараат.
– Децата кои растат во благосостојба многу бараат, а со самото тоа брзо стануваат незадоволни, посочи Зајфрид и додаде дека децата во Африка или во Азија покажуваат задоволство, доколку им е дозволено да одат во училиште или имаат доволно да јадат.
Тој, исто така, предупреди дека многу деца во Германија тешко се мотивирани да учат и оти често телевизорите, техничките играчки или новите велосипеди им ја „одземаат“ среќата.