Зврлевски: Нема да се повлечам предвреме од функцијата

Од:

„Немам намера предвреме да се повлечам од функцијата, а моето натамошно функционирање ќе биде во согласност со законските одредби“. Ова за Макфакс денеска го изјави државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој како неосновани ги оцени новинарските информации за негово предвремено повлекување и акција за политичко спасување со помош на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Порталот Сведок, повикувајќи се на извори во Советот на јавни обвинители објави дека „јавниот обвинител Зврлевски ќе си поднесе оставка за да може Советот да го именува за заменик репубички обвинител, функција која е трајна и не подлежи на мандат и реизбор“. Тоа, според планот направен помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, како што тврди порталот, треба да се случи неделава, за да се избегне формирање Влада, која според сите најави, прво ќе бара разрешување на директорот на БЈБ во МВР Митко Чавков и на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Во Законот за јавно обвинителство во членот 65 се утврдени основите за престанување на мандатот на државниот јавен обвинител. Тоа може да биде направено по негово барање, доколку го изгуби државјанството, ако трајно ја загуби способноста за вршење јавно обвинителска функција, доколку е избран или именуван на друга функција, осуден со правосилна судска пресуда од најмалку шест месеци затвор или со кривична санкција што го прави недостоен.

Во досегашната пракса на поновата македонска историја, ниту еден од државните јавни обвинители (со исклучок на Љупчо Шврговски) не го заврши целиот свој мандат. При промена на власта, првата работа со која се зафаќаше новото парламентарно мнозинство беше разрешување на државниот јавен обвинител поради „нестручно и несовесно работење“. Сите претходници на Зврлевски, во моментов се надвор од обвинителската фела и се занимаваат со адвокатура. Таков е случајот со поранешните јавни обвинители Стеван Павлески и Ставџе Џиков, кои беа разрешени, како и со Шврговски, кој сам си замина и отвори канцеларија за консултантски услуги и адвокатура.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неколку свои интервјуа ја најави смената на Зврлевски како еден од своите приоритети. Доколу тоа се случи, за што е потребно просто мнозинство, на Зврлевски му остануваат неколку можности. Прво, да се врати во матичната средина, а тоа е скопското јавно обвинителство, каде беше избран за обвинител со траен мандат. Второ, да користи апанажа од една година, а по истекот на овој рок да најде ново вработување. Трето, веднаш да замине во адвокатура по примерот на своите претходници. И последната, за него најпосакувана, но законски најпроблематична варијанта, а тоа е да остане како обвинител во обвинителство со кое сега раководи – Јавното обвинителство на Република Македонија, за што е потребен оглас.

Би можело да ве интересира

Почина Марко Зврлевски

Ландов

Зврлевски дал исказ пред дисциплинската комисија во Обвинителството за 27 април

Ана Ололовска

Maрко Зврлевски отвори адвокатска канцеларија

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Богоевски: Мијалков и Зврлевски во УБК и по кафеани ги договара наредбите

Ана Ололовска

Советот на обвинители треба да назначи в.д. на местото на Зврлевски

Ана Ололовска

Димков: Постапката за разрешување на Зврлевски е целосно незаконска

Наум Локоски