Среде новогодишните празници, се одвива неформален „дијалог“ меѓу Министерството за образование, некои универзитети, декани и студенти. Слушаме за предлози за подобрување на законските решенија, проследени со експресни пофалби!
Министерството не пронајде ништо корисно во бројните факултетски и универзитетски мислења и сугестии, но сега е импресионирано од свежите и инспиративни идеи од кои ке се раководи при креирањето амандмани.
Заврши првото читање на Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за
високо образование. Собранието не го прифати предлогот на Студентскиот пленум,
најголемиот број универзитети и факултети, Интеруниверзитетската конференција и
Професорскиот пленум за прекин на законодавната постапка и повлекување на законот.
Побаравме од Собранието барем да донесе одлука за спроведување на јавна дискусија, предвидена со Деловникот, но попусто. НЕМАШЕ СЛУХ ЗА ДЕБАТА.
Одеднаш, Министерството за образование и наука се сети за потребата од “нов”,
„оригинален“, „демократски“ изум, за post festum „дебата“!! Реши да го „коригира“ и супституира Собранието како законодавно тело и спротивно на уставното начело за поделба на власта и владеење на правото да ОРГАНИЗИРА „ДЕБАТА“. Преку Ректорот на УКИМ, како претседател на Интеруниверзитетската конференција, на 3-ти јануари, по телефон ни предложија со петмина претставници да се вклучиме во дебатата со владините претставници и со петмината професори-подржувачи на измените на законот, во хотелот „ Александар Палас“.
Професорскиот пленум, по одржаната расправа на 4.01, одлучи да не учествува во оваа „дебата“ од следниве причини:
а) таа е нелегална, односно спротивна на деловничките одредби на Собранието и
нелегитимна, заради отуството на студентите, од една страна, но и целосното
игнорирање на универзитетските ставови, од друга.
б) таа е задоцнета и цинична, затоа што Студентскиот пленум, факултетите и
ректоратите, како и Професорскиот пленум и покрај прекусото време за доставување мислења и сугестии јасно го кажаа својот збор, но не беа удостоени да го образложат ниту на комисиската расправа, ниту во рамките на правно заснована јавна дебата, која што можеше и требаше да се отвори по општата собраниска расправа;
в) таа е вонинституционална, затоа што ја организира Владата/Министерството, наместо Комисијата за образование, наука и спорт;
г) таа е дури и бизарна затоа што професорите кои се „против“ законските измени и професорите кои се „за“ промените, ќе дебатираат со посредство на
владата/министерството, иако вториве ниту се спротивставија, ниту се изјаснија против мислењата на факултетите, чии членови се.
Ние, речиси петстотина професори од Професорскиот пленум одбиваме да бидеме
соочесници во кршењето на правото и законодавната процедура;
Ние, речиси петстотина професори, подржани од речиси 200 колеги од странство, не сакаме да му бидеме „демократско“ алиби на Министерството/Владата, учестувајќи во т.н. „дебата“, која треба да креира привид на инклузивност и партиципативност во донесувањето на октроирани (подарени) законски измени и дополни.
Членовите на Професорскиот Пленум не сакаат да учествуваат во „расправа“ во
која не учествуваат оние кои се дел од универзитетската заедница: СТУДЕНТИТЕ!
Ние, колегите од Професорскиот пленум, СТАМЕНО СТОЕВМЕ И СТОИМЕ ЗАД БАРАЊЕТО
ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА КОИШТО СМЕТАМЕ ДЕКА СЕ УШТЕ ЕДЕН
ПОЛИТИЧКИ АТАК ВРЗ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ.
Ние, Професорскиот пленум бевме и остануваме за НОВ ЗАКОН, а не за законски
Франкештајн, велат оттаму.